Пешев: КИФ со заеднички иницијативи за борба против корона кризата
КИФ покрена иницијатива за формирање на посебен „патнички коридор“, односно своевиден „туристички балон“ за државите од регионот на Западен Балка
Зајакнување на регионалната економска соработка и интеграција, забрзување на создавање заедничка економска област на Западен Балкан и подлабока интеграција на регионот во правниот и економскиот систем на Европската унија се клучни за закрепнување на регионалните економии од ефектите на пандемијата ковид-19 е основната цел на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), рече на денешната прес-конференција Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија).
Пешев рече дека Коморскиот инвестициски форум во изминатиот период целосно ги насочи ресурсите кон обезбедување помош и поддршка за компаниите кои работат на регионалните пазари, за надминување на проблемите и обезбедување непречено работење и функционирање на компаниите во тековните околности поврзани со корона вирусот ковид-19.
– Бројките на денот денес се базирани на согледувањата кои ги направивме во Комората. Воведените заштитни мерки за увоз на челик во ЕУ, кои се применуваат од 01.02.2019 година, предизвикуваат сериозни негативни ефекти врз работењето на оваа индустрија во целиот регион.Конкретно, во однос на македонската челична индустрија, во изминатиот период се бележи драстичен пад на увозот и извозот на производи поврзани со челикот во државата.Во периодот јануари-декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, се бележи пад на увозот на суровини и репроматеријали од 3% во однос на стоките во кодот 72 според ХС (железо и челик) и пад од 6% на стоките во кодот 73 според ХС (производи од железо и челик).Истовремено, како резултат на воведените заштитни мерки, во периодот јануари-декември 2019 година, во споредба со истиот период претходната година, извозот на производи во ЕУ во кодот 72 според ХС бележи пад од 2,46%, додека извозот на производи во кодот 73 бележи пад од 31,21%. – рече Пешев.
Табела 1: Извоз од Република Северна Македонија во ЕУ
Код според ХС | 2018 | 2019 | 1.2020 | ||||||
Количина (кг) | Вредност (€) | Количина (кг) | Вредност (€) | Количина (кг) | Вредност (€) | ||||
Код 72 | 340.722.230 | 189.217.663 | 332.343.817 | 218.901.494 | 32.296.887 | 21.104.492 | |||
Код 73 | 205.065.482 | 162.551.491 | 140.655.136 | 115.125.328 | 14.085.417 | 9.961.035 | |||
Пешев рече дека истиот тренд продолжува и во 2020 година.
-Поради тоа, Коморскиот инвестициски форум покрена иницијатива до претседателката на Европската комисија, високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и комесарите за трговија и за проширување и добрососедска политика, имајќи ги предвид блиските врски на регионот со ЕУ, како и тековните процеси согласно склучените спогодби за стабилизација и асоцијација, земјите од Западен Балкан да бидат изземени од примената на заштитните мерки за увоз на челик во ЕУ – рече тој.
Истовремено,додаде Пешев, Коморскиот инвестициски форум го покрена и прашањето за обезбедување слободно движење помеѓу државите од регионот на Западен Балкан, како мерка за спас на туристичкиот сектор.
– Имено, според UNWTO, тековните сценарија укажуваат на пад од 58% на 78% кај меѓународните туристички патувања во 2020 година.Проекциите зависат од брзината на задржување и од времетраењето на ограничувањата за патување и исклучувањето на границата- рече Пешев.
Тој ги образложи трите можни сценарија за развој на туризмот.
– Сценаријата одразуваат три можни модели на месечна промена на патувањата од април до декември 2020 година, претпоставувајќи дека патните ограничувања почнуваат да се укинуваат и националните граници да се отворат:Првото сценарио кое предвидува пад на патувањата за 58 отсто е ако границите се отворат на почетокот на јули. Второто ако тое се случи на почетокот на септември падот на патувањата ќе изнесува 70% и третото сценариот ако границите се отворат на почетокот на декември патувањата би имале пад од 78%) отсто.Овие три можни модели укажуваат дека 100 до 120 милиони директни туристички работни места се директно во ризик – рече Пешев..
Тој информира и дека Коморскиот инвестициски форум до премиерите на шесте држави од регионот на Западен Балкан покрена иницијатива за формирање на посебен „патнички коридор“, односно своевиден „туристички балон“ за државите од регионот на Западен Балкан, што би подразбирало да се укине сегашниот период на самоизолација или карантин помеѓу земјите од Западен Балкан, што ќе овозможи слободно движење за потреби на работа или за туристички цели помеѓу државите од регионот на Западен Балкан.