ПЕРИНСКИ ЈА НАЈАВИ НОВАТА ЕРА НА РАМНОМЕРЕН РАЗВОЈ Министерот вели дека градот и селото ќе напредуваат заедно

Владата одобри 829 проекти, ова се првите чекори на новата визија.

665

Со порака за нова визија и системски пристап кон развојот на сите региони, денеска во Гевгелија започна дводневната меѓународна конференција за регионален развој, во организација на Министерството за локална самоуправа. Настанот се одржува под мотото: „Регионалниот развој во динамично променлив свет – Иднината започнува локално“.

На свеченото отворање се обратија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински, како и амбасадорката на Швајцарија во земјава, Н.Е. Вероник Улман.






– Иднината не започнува глобално и централно – иднината започнува локално. Преку силни локални заедници поставуваме темели на стабилна и успешна држава – истакна премиерот Мицкоски.

Тој најави дека Владата обезбедила 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините – досега најголема поддршка за локален развој. Одобрени се 829 проекти во вредност од речиси 14 милијарди денари, фокусирани на инфраструктура и животна средина.

– Секој град, секое село добива шанса да се развива, тоа е резултат на јасна визија и системски пристап – рече Мицкоски и додаде дека „вистинската европска иднина започнува од рамномерниот развој“.

Министерот Перински нагласи дека регионалната рамнотежа не е само финансирање, туку создавање еднакви можности, независно дали се работи за урбани или рурални средини.

– Регионалната рамнотежа не значи само распределба на средства. Таа значи создавање еднакви шанси за развој, без разлика дали живеете во голем град или во рурална средина и значи развој што ги почитува локалните ресурси и ги вклучува граѓаните“, истакна министерот Перински , кој посочи дека преку целосна посветеност на Владата и премиерот, преземен е одлучен чекор. „Започнавме со реални вложувања во инфраструктура и ја поставивме рамката за стратешки, рамномерен развој на државата. Ова е комплексна тема што не зависи само од една институција, туку бара здружени и усогласени напори на повеќе ресори – изјави Перински.

Фото: Влада

Од меѓународниот партнерски дел, амбасадорката Вероник Улман потсети дека Швајцарија од 2012 година вложува во рамномерен регионален развој и поддржува проекти кои обезбедуваат подобар квалитет на живот, особено во руралните општини.

– Крајната цел на нашата поддршка е сите граѓани, без оглед на тоа каде живеат, да имаат пристап до еднакви можности, јавни услуги и подобар квалитет на живот. Регионалниот развој е алатка за намалување на миграцијата, зајакнување на локалната економија и зголемување на отпорноста на климатските промени. Тој не е само политичка цел, туку предуслов за социјална кохезија и демократска стабилност – порача Улман.

Конференцијата продолжува со четири тематски панели: праведен раст, посилни региони, усогласување на политики и финансии за одржлив развој и дигитална трансформација.

Меѓу говорниците се министри, заменици министри, експерти, градоначалници, професори и претставници од бизнис секторот, со фокус на интегриран и полицентричен пристап како одговор на демографските предизвици и потребата за ревитализација на руралните средини.

Поврзани содржини