Пензионерите од ‘Лика Чопова’ цели пет дена живеат во темница

Станарите во дванаесетте станови во скопскиот пензионерски дом се без струја од четвртокот, иако им било ветено дека ќе дојде екипа да го санира дефектот. Не можат да готват, фрижидерите и храната во нив е расипана, а останале и без нивната единствена занимација - телевизорите.

490

Скопскиот пензионерски дом „Лика Чопова“ во кој пензионерите живеат самостојно во дванаесетте станови во рамките на комплексот, останал без струја во четвртокот, 13.мај. Иако управата на домот, но и некои од пензионерите кои живеат таму или нивните роднини, уште веднаш го пријавиле дефектот, овие луѓе со просечна возраст над 70 години се веќе пет дена без струја.

„Мајка ми која живее во стан во домот „Лика Чопова“ во Чаир ми кажа дека им снемало струја во четвртокот и дека веднаш бил пријавен дефектот од страна на управата. Меѓутоа, еве веќе петти ден тие се без струја. Не можат да си направат ништо за јадење, ниту да си сварат чај или кафе. Храната во фрижидерите кои се веќе пет дена без струја е расипана, а останаа и без единствената занимација, телевизорите. Замислете како е да се живее цели пет дена во темница, особено за лица чија просечна возраст е над 70 години“, вели ќерката на една од станарките во домот.






Иако им рекле дека најдоцна во понеделник ќе биде испратена екипа, тоа не се случило ниту денес, па пензионерите што живеат се веќе очајни.

Некои од нив живеат таму со своите брачни партнери, но некои се сосема сами и во темнина и без телевизор самотијата уште потешко им паѓа. Од друга страна, заради короната, дури и оние кои имаат деца во градот, не се осмелуваат да одат на неколку дена кај нив, а и секој ден од четвртокот наваму се надеваат дека некој ќе дојде и ќе ги спаси од темницата.

Тие апелираат до надлежните побргу да преземат нешто и да го поправат дефектот и повторно да внесат светлина во нивните животи.

Фото: Pixabay

Поврзани содржини