Пензионерите кои починале по 27 септември имаат право на 100 евра државна помош

Од Владата велат дека иако законот е донесен на 07.12.2020 година, во меѓувреме доколку почине пензионер, не му се одзема правото за помош, средствата остануваат на семејството.

7,704

Пензионери кои починале во последните три месеци од годината се најдоа на списокот на граѓани кои добиле државна помош од 100 евра за купување домашни производи. Семејствата на овие лица се изненадени и не знаат што треба да направат. Дали да ја искосистат помошта од Владата или да ги вратат парите назад. Од Владата не негираат дека овие пензионери се на списокот бидејќи според Законот, помошта се дава за периодот јануари-август 2020 година, односно заклучно со 27 септември годинава, па според тоа на починатите пензионери по овој датум не им се одзема правото за помош, средствата остануваат на семејството.

– Случајно проверив дали мојот дедо пензионер кој почина пред два месеца добил помош од Владата и се изненадив. На дедо ми Владата му доделила ваква помош. Не ми е јасно како тој се најде на списокот, бидејќи навреме ги информиравме во ПИОМ за тоа, дури користевме и солидарна помош која се дава за погреб. Дилемата сега ми е дали да ги користам овие пари или да ги вратам – вели жител на Ѓорче Петров.






Друг граѓанин чиј татко починал пред еден месец исто така се чуди како тој се нашол на списокот на Владата.

– Сите документи поврзани со смртта на мојот татко се доставени до институциите и многу ми е чудно што оваа информација не стигнала до оние кои одлучуваат и ја исплаќаат оваа помош. Мислам дека после ќе измислат дека ние нешто не сме кажале и ќе бараат парите да им се вратат. Или, можеби, Владата оваа помош им ја дава на пензионерите за 2020 година во која тој беше жив и ни следуваат парите како нивни наследници да ги користиме. Немам доволно информации за тоа и засега очекувам владата или ПИОМ да нè информираат подетално – вели тој.

Директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Билјана Јовановска, вели дека Фондот го има доставено списокот на пензионери кои биле живи и ја остариле пензијата заклучно со 27 септември 2020 година како што е предвидено со Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход.

– Наша обврска беше да го доставиме списокот на пензионери кои оствариле пензија заклучно со 27 септември, односно со месец август годинава. Ние тој список и го доставивме. Значи, пензионерите кои биле починати по овој датум тогаш биле живи и примиле пензија и затоа се на списокот. А дали семејствата на оние кои починале по 27 септември или оние кои починале во август и септември, не можам да кажам. Владата ги обезбедува парите за поддршката на пензионерите со ниски пензии и таа треба да заземе став дали семејствата на овие пензионери ќе можат да ги користат парите или ќе треба да ги вратат. Но, едно е сигурно, парите, доколку по закон им следува поддршката, ќе бидат префрлени на жиро-сметката на пензионерот која е блокирана од банката и е предмет на оставинската постапка – вели Јовановска.

Од Владата не негираат дека на списокот да се нашле и починати пензионери бидејќи рокот за доставување на списоците е до 27 септември кога беше планирано да почне да се реализира мерката.

– Да се стекнат со право на финансиска поддршка имаа корисниците на пензија на кои заклучно со 27 септември 2020 година им е извршена исплата на пензија и во тој момент биле живи. Законот е донесен на 07.12.2020 година, во меѓувреме доколку почине пензионер, не му се одзема правото за помош, средствата остануваат на семејството. Во групата за финансиска поддршка се внесени корисници на пензија кои се државјани на Република Северна Македонија евидентирани во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување заклучно со 27 септември 2020 година кои за јануари-август 2020 година оствариле доход по основ на пензија не поголем од 120.000 денари односно месечен износ на пензија од најмногу 15.000 денари – велат од Владата.

Дали на списокот има и лица кои во меѓувреме се вработили или веќе не користат некоја од социјалните помошти засега не може да се знае но се снае дека по истата логика и овие лица како и пензионерите за периодот за кој важи законот ќе можат да ги користат парите.

– Како Министерство кое беше задолжено да ги достави списоците на граѓаните кои ги исполнуваат условите да добијат помош од Владата уште во септември ги побаравме од институцииите и навреме ги доставивме до Владата. Контролата сега треба да ја направат тие кои ги исплаќаат парите – велат од Министерството за труд и социјална политика.

Кај нив, појаснуваат, се доставени спиоците од Пензискиот фонд за пензионерите и Агенцијата за вработување за невработените како и податоците за лицата кои примаат социјална помош кои се обрезбедени преку центрите за социјална помош. Од УЈП која врши проверка на приходите на граѓаните од списоците велат дека тоа веќе го завршиле.

Списокот на студенти според Законот кој го регулира ова прашање го обрезбедува Министерството за образование, додека за уметниците го обезбедува Министерството за култура. Од овие Министерства велат дека списоците се во владиниот Секретаријат.

Според Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на помошта се пензионери со ниски пензии, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, малди лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници други лица кои вршат дејност во културата, филмски и естрадни уметници.

Мерката е дел од Четвртиот сет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19 донесен од Владата во септември годинава.

Финансиската поддршка во износ од 6.000 денари е наменета за речиси 300.000 граѓани од ранливите категории.

Поврзани содржини