Пензионери, пријавете се волонтери да купуваат за вас!

278

Од денеска до 15 ноември годинава во рамки на акција на МАПАС и пензиските друштва волонтери ќе им помагаат на пензионерите преку набавка на секојдневните животни намирници, потребни за нормално живеење.

– Волонтерската акција се одвива под мотото „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“ и ќе се реализира на територија на градот Скопје. Сите пензионери што сакаат да бидат дел од акцијата и да добијат помош, можат да се пријават на телефонскиот број 0800 11 800 – информираат од МАПАС.






Целта на оваа акција, како што појаснуваат оттаму, е да им се помогне на пензионерите како една од најранливите категории во време на ограничено движење заради заштита од ширење на ковид-19 вирусот, во обезбедување на секојдневните намирници. Обезбедувањето на намирниците за пријавените пензионери во рамките на акцијата ќе се одвива еднаш неделно, во општините во Скопје.

– За да се обезбеди што пошироко покривање на што поголем број пензионери, беше организиран и јавен повик за пријавување на волонтери, кои ќе бидат дел од оваа акција. Досега се пријавија 80 волонтери кои заедно со волонтерите од МАПАС и пензиските друштва ќе ги набавуваат намирниците за пензионерите од Скопје – соопшти МАПАС.

Волонтерската акција „Помогни на пензионер денес затоа што тебе утре ќе ти треба помош“ е дел од информативната кампања „Времето до пензија поминува побрзо отколку што мислиш“, која започна на 15 септември – Денот на пензиска свесност, чија цел е зголемувањето на свесноста кај младите за тоа дека вистинските одлуки за нивната пензија треба да ги донесуваат уште сега, односно со нивното прво вработување, а не пред пензионирање.

Поврзани содржини