ПЕНЗИИТЕ ЌЕ СЕ ПОКАЧАТ ЗА НАД 10 ОТСТО Повеќе пари за ранливите категории, здравството и за образованието
Буџетот за 2026 година е домаќински скроен, служи за фискална консолидација и има развојна компонента, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
Предлог-буџетот за 2026 година е домаќински и развоен, пензиите ќе се покачат за над 10%, а буџетот за социјална заштита и за здравството е зголемен, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.
– Буџетот е домаќински скроен, служи за фискална консолидација и има развојна компонента во делот на она коешто граѓаните, домаќинствата го очекуваат од еден буџет, преку овие програми и сектори кои што влијаат врз нивниот живот – рече Петрушевски во гостување на Телма.
Во делот на социјалната заштита, Петрушевски нагласи дека е зголемена е финансиската траса кон социјалната заштита и кон пензионерите.
– Имаме средства за пензии кои што ќе бидат поголеми за повеќе од 10%, така што да не се грижат пензионерите, ќе ги поддржиме нивните буџети согласно зголемените трошоци за живот – истакна Петрушевски.
Тој ги демантираше тврдењата на пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска, истакнувајќи дека буџетот за социјална заштита не е намален, туку зголемен. Тој истакна и дека во здравството се планира поголем буџет, како и за образование.
– Ќе има сериозна поддршка за сите ранливи категории. Ќе има зголемена поддршка за здравствена заштита, затоа што имаме поголем буџет во здравството, ќе има пари кои што ќе се насочени кон подобрување на јавното здравство, кон нова медицинска опрема, нови услуги на пациентите. Ќе имаме средства кои што се во образованието исто така зголемени за 3 до 4 отсто – потенцираше Петрушвски.
Согласно овој буџет, очекуваме раст на просечната нето плата на граѓаните од 6,5%, зголемување на бројот на вработени за 1,6% проценти што значи пад на невработеноста на некаде околу 10%, додаде Петрушевски.
Тој потенцираше дека буџетските корисници учествуваа во процесот на изработка на буџетот.
– Апсолутно е невистина дека буџетските корисници не учествувале, тоа е законска обврска. Има буџетски циркулар, кој што е доставен до сите буџетски корисници, кои што го имаат пополнето, со кои што е разговарано и е скроен ваков буџет – кажа Петрушевски.