ПЕНДИКОВ МОЖЕ ДА ОДГОВАРА КРИВИЧНО Сите навреди упатени кон Македонија и кон македонскиот народ се казниви
Адвокати велат дека Пендиков може да се гони за кривични дела против честа и угледот по член 178 и 179 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, може да одговара за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и кон Македонците, поради неговите изјави кои ги дава во бугарските медиуми, при што би можел да добие парична казна за овие дела.
Адвокати велат дека Пендиков може да се гони за кривични дела против честа и угледот по член 178 и 179 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Адвокатот Јанаки Митровски вели дека во Кривичниот законик има членови за кривични дела подбивање и изведување на потсмев на Македонија, македонскиот народ и народностите, но тоа останува во рацете на Јавното обвинителство дали воопшто и кога ќе поведе постапка против Пендиков.
– Во зависност од тоа за која изјава се работи, генерално е точно дека не само Пендиков туку кој било може да одговара за излагање на подбив на македонскиот народ и за припадниците на заедниците доколку јавно се исмева македонскиот народ или припадниците на заедниците кои живеат во Македонија. Ваква кривично правна заштита Македонија требаше да бара уште при отворање на наци клубот во Битола во кој има негаторски цитати кон нас – ни изјави адвокатот Јанаки Митровски.
Членот 178 од Кривичниот законик е поврзан со Повреда на угледот на Република Македонија и наведува дека ќе се казни со парична казна тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна. Додека во членот 179 – Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците се вели „тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија, ќе се казни со парична казна“.
За ова говореше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Макфакс“ каде посочи дека Христијан Пендиков би можел кривично да одговара за навредите и обвинувањата кон Македонија и македонскиот народ при што посочи дека Пендиков своите тврдења дека Бугарите во Македонија се малтретирани ќе треба да ги докаже.
– Такво тврдење треба да се докаже. Тоа не е точно, според мене, дека е напаѓан затоа што е Бугарин. Ние одговоривме, секако дека не оправдуваме насилство кон никого. За обвинувањата и навредите кон Македонија, може да се одговара кривично. Не мора да го врати државјанството. Би го повикал Обвинителството, исто како што сме го повикале и во најновите случаи сега, секаде каде што има говор на омраза, омаловажување на нашиот народ и на достоинството, да си ја сработи својата работа. Пендиков не треба да биде исклучок – рече Маричиќ.
Универзитетскиот професор д-р Гордан Кајалџиев во изјава за Плусинфо вели дека можеби и може да се поведе обвинение против Христијан Пендиков за навредите и обвинувањата упатени кон Македонија и кон Македонците, но додава дека сето сѐ коси со сите обиди да се намалат тензиите кои во моментов ги има на релација Скопје-Софија.
– Ова според мене е политичка будалаштина, бидејќи во оваа ситуација каде што велат дека треба да се смират страстите меѓу Бугарија и Македонија, ние да му поднесеме кривична пријава. Според мене, тоа не одговара на целта што власта ја форсира по секоја цена да се дојде до измена на Уставот за внесување на Бугарите, така што ова и не би го коментирал – ни рече проф. д-р Калајџиев.
Поставивме прашања и до Основното јавно обвинителство, дали можеби е во план отворање постапка против Христијан Пендиков во која тој ќе одговара за упатените навреди и обвинувања кон Македонија и македонскиот народ.
„Со цел да ви обезбедиме релевантен и прецизен одговор, во кој ќе биде изнесена оценка за тоа дали има елементи на одредено кривично дело и кое, потребна ни е информација за тоа на која точно изјава на споменатото лице се однесува прашањето. Инаку, обвинителството крајно неселективно го спроведува законот и иако секој предмет има определена своја специфичност, не се прават никакви исклучоци при кривичниот прогон на сите лица за кои ќе се обезбедат докази дека сториле кривично дело“, одговорија од Јавното обвинителство.
Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во јануари беше физички нападнат во Охрид, а според неговите тврдења, нападот се случил само поради тоа што тој бил Бугарин, за што прв пат проговори пред камерата на БТВ, каде што го опиша целиот настан и тврдеше дека животот на Македонците со бугарска самосвест е загрозен во Република Македонија.
Според Пендиков, еден месец подоцна, заканите кон него и кон на неговата мајка и роднини, продолжиле. Тој вели дека добил информации дека може да биде нападнат и во Бугарија.
– За жал, во Северна Македонија е нормално, нормално е да те тепаат, пцујат, пукаат затоа што си Бугарин. Полицијата не треба ништо да прави. За да бидеш македонски Бугарин, само треба да се реализираш. Во Македонија учиме изменета, лажна историја во која Бугарите се фашисти, Татари. Откако ја прочитав светската историја, откако прочитав за ВМРО и што е историја, сфатив – изјави секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.
Пендиков во најновиот документарец на БТВ за „опасниот“ живот на македонските Бугари, вели дека стравува од тоа дека може да му се случи и полошо.
– Стравувам да не се случи истото или полошо. Да не бидат следните панихиди наши – рече Пендиков.
Основното јавно обвинителство – Охрид поднесе обвинителен акт за нападот врз Пендиков во кој се товарат две лица. Oсновниот суд во Охрид за 28 февруари го закажа првото рочиште против напаѓачот над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид Христијан Пендиков. Процесот ќе го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди за нанесување тешки телесни повреди, мотивиран од омраза по национална и етничка припадност.
Од МВР соопштија дека е уапсен вториот напаѓач на Пендиков, а првиот напаѓач Илија Спасески е пуштен од притвор и судењето ќе го чека од слобода.
Во врска со овој случај Обвинителството во Охрид побара распит на претепаниот Христијан Пендиков. За таа цел, обвинителството во Република Македонија ќе побара од Бугарија информации за моменталната адреса на Пендиков.