Пендаровски-Зурабишвили: Соработка и солидарност и по надминување на кризата
Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните перспективи за развој на соработката на билатерално и мултилатерално ниво меѓу двете држави, кои воспоставија дипломатски односи во февруари 2019 година.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари видео разговор со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните перспективи за развој на соработката на билатерално и мултилатерално ниво меѓу двете држави, кои воспоставија дипломатски односи во февруари 2019 година.
Претседателот Пендаровски се заблагодари на честитките од претседателката Зурабишвили по повод зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ, како долгогодишни стратешки цели на кои земјата работеше. Во таа насока, претседателот додаде дека сме подготвени да го споделиме нашето искуство и да дадеме поддршка на сите земји кои се на тој пат.
Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во двете држави, поврзано со справувањето со пандемијата на ковид-19. Претседателот Пендаровски ја информираше претседателката Зурабишвили за мерките што државните власти ги преземаат во борбата против вирусот.
Двајцата претседатели се согласија дека против пандемијата, како глобален проблем, треба да има и глобален одговор, преку меѓусебна соработка и солидарност.
Претседателот Пендаровски ја информираше претседателката Зурабишвили за дадената согласност за новата грузиска амбасадорка во Северна Македонија, резидентна во Софија, со надеж за отворање на нови можности за развивање на билатералните односи. Во таа насока и двајцата претседатели разговараа за зајакнување на дијалогот на највисоко ниво, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за упатената покана за посета на Грузија.