Пендаровски: Зошто Владата дала дозвола за медицински канабис на синот на Боро Марлборо?
Одлуката е потпишана од заменичката на претседателот на Владата, Радмила Шекеринска.
Претседателот на државата Стево Пендаровски побара образложение од Владата зошто фирма чиј управител е синот на поранешниот градоначалник на струмичко Ново Село Боро Стојчев, познат под прекарот Боро Марлборо, осуден за шверц со цигари, добила лиценца за одгледување канабис за медицински цели.
Одлуката е потпишана од заменичката на претседателот на Владата, Радмила Шекеринска.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 го запраша портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, дали е информиран дека Владата на СДСМ во време на пандемија кога граѓаните ги губат своите работни места, доделува лиценци за одгледување на марихуана, а меѓу другите и на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село од СДСМ Боро Стојчев, кој беше осуден за шверц на цигари.
– Дали знаете дека вашата Влада во време на пандемија доделува неколку лиценци за одгледување на канабис? Дали знаете која е едната лиценца? Еко енерџи комсос ДОО село Зубово, Ново Село. Дали знаете кој е управител на таа фирма? Перо Стојчев, син на вашиот кадар кој што беше осуден за шверц на цигари, Боро Стојчев. Поентата ми е дека и во време на вонредна состојба, во време кога граѓаните не знаат како ќе се справат со целава криза, во време кога граѓаните остануваат без работен однос и немаат примања дома, вие како СДСМ и како Влада носите одлука за доделување лиценца на фирма која што е блиска до СДСМ. Толку ви е дојдено до здравјето на граѓаните – рече Арсовски.