Пендаровски, Заев и Мицкоски упатија честитки за Рамазан Бајрам
Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста- порача Пендаровски.
Муслиманите во земјава денеска го слават Рамазан Бајрам, поради тоа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упатија честитки до сите верници од исламска вероисповед.
Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху.
–За жал и годинава светиот месец Рамазан го поминавме обременети со пандемијата со ковид-19, во несекојдневна атмосфера соочени со бројни ограничувања и со неопходни мерки за заштита на нашето здравје и на нашите животи. Ви благодарам за истрајноста, внимателноста и дисциплината. Се надевам дека збогатени со духовната сила која ја дава Рамазан бајрам и понатаму ќе останеме посветени, одговорни и солидарни и ќе излеземе како победници во борбата со епидемијата чиј крај, благодарение на започнатата вакцинација, веќе се наѕира – се наведува честитката од претседателот Пендаровски.
Премиерот Зоран Заев на верниците од исламска вероисповед по повод празникот им посака празничните денови ги поминат во слога и спокојството на домот, во добро здравје и духовна сила.
– Во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија, и годинава Светиот месец Рамазан, најблагородниот и најсреќниот месец за вас граѓаните од исламската вероисповед, го славиме во поинакви услови со ограничувањата кои ги донесе пандемијата на коронавирусот ковид-19. Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста. Да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, водени од желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност, а даровите на празникот споделете ги со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи. Бајрам Шериф Мубарек Олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот! – наведува Заев во честитката.
Нека празничните мигови Ви поминат во спокој и радост, со најискрени желби за добро здравје и просперитет на секој од вас и вашите семејства, пишува претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката упатена до сите граѓани од муслиманска вероисповед по повод празникoт Рамазан бајрам.
– Ова време на предизвици, сиромаштија и заеднички проблеми можеме да го надминеме ако бидеме сплотени и ако покажеме дека со разбирање, соработка и толеранција можеме да ги надминеме сите препреки исто како што низ векови наназад сме го правеле. Македонија да ја градиме камен по камен, тула по тула, како свој дом и да ја заштитиме од пропаста кон која ја носи актуелната власт. Сите ние имаме одговорност да се грижиме за секој човек во тој дом да има просперитет и перспектива. Да ја градиме таа перспектива тука, да обезбедиме просперитет за нас и за нашите поколенија тука. Да бидеме солидарни еден со друг, но и посветени кон успехот, затоа што сечиј успех е предуслов за успех на Македонија. Честит празник, Рамазан Бајрам – се наведува во честитката од Мицкоски.