Пендаровски, Заев и Мицкоски со честитки за Свети Климент Охридски

300

Државниот врв и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски упатија честитки по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски.

– Св. Климент Охридски верно продолжувајќи го делото на своите учители, Светите Кирил и Методиј, ги постави темелите на духовноста и просветителството на нашите простори. И после 11 века од неговото упокојување, неговото дело го издржа судот на времето, не престанувајќи да биде инспирација и мотивација не само за македонските граѓани, туку пошироко на Балканот и во Европа.






Свети Климент Охридски не остави само големо духовно и просветителско наследство, туку и со личен пример на дело покажа што значи милост, трудољубивост,  трпение, солидарност.  Токму овие доблести ни се неопходни во време, кога како и целото човештво се бориме со пандемијата на Ковид 19 и разорните последици што таа ги носи. За жал токму сега, како народ и држава сме ставени пред дополнителни  тешкотии  и предизвици, при  што ни се негира минатото, обременува сегашноста и загрозува иднината . Посакувам делата и мудроста на Св. Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежињата, а неговата верба и љубов поткрепа во искушенијата кои само сложни и обединети можеме ги надминеме – се вели во честитката од претседателот Стево Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев во честитката вели дека посебноста на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е прифатена во Европската унија, која беспрекорно ја почитува јазичната разноликост и во која преку македонскиот јазик е прифатена и посебноста на македонскиот идентитет како составен дел и од европскиот идентитет во заедница од 50 милиони луѓе.

– Записите велат дека низ Свети Климентовата Охридска школа минале околу 3.500 ученици. Тоа е импозантен број за тогашните времиња, а секако, импозантен е и денес. Тоа сведочи и за исклучителните организациски, но и обединувачки способности на светиот учител од Охрид во духот на христијанското заедништво. Луѓето имале желба за духовна храна и поткрепа, за наука, за вистина. Како и денес. Денес, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици, и никој повеќе нема дилеми за неговата автентичност, и секое оспорување е спротивно на овие факти – вели Заев.

Пишувајќи за македонскиот јазик и за ЕУ, премиерот порачува дека почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на Унијата, а испраќа и порака дека предизвиците со кои се соочуваме сега ќе се надминат трпеливо и мудро.

– Почитувањето на јазичната разновидност е темелна вредност на ЕУ. Повелбата за основните права на ЕУ забранува дискриминација врз основа на јазикот и ја обврзува Унијата да ја почитува јазичната разновидност. Предизвици имало и ќе има. Како што успеал Свети Климент Охридски во мисијата на неговото време, повикани сме и ние да ги чуваме обележјата на нашиот недвосмислен македонски идентитет и да ги надминуваме предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува како народ и како држава – вели премиерот.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во честитката вели дека Св. Климент е дел од нашиот идентитет и значаен темел на нашето постоење.

– Радувај се Македонијо што го имаш Св. Климент, еден од најистакнатите ученици и следбеници на светите браќа Кирил и Методиј, просветител кој описменил и образувал илјадници луѓе, не само на територија на Македонија, туку и пошироко. Со право го славиме Св. Климент чие духовното, книжевно и црковно наследство е значаен белег за нашиот народ и држава. Св. Климент не се штедел себе, и целиот свој живот го поминал помагајќи на другите, така денес е еден од најзначајните темели и на нашата света Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија – вели Мицкоски во честитката.

Тој додава дека Св. Климент е еден од неколкуте наши знаменити личности кои оставиле светски белег и е вграден дел од нашиот идентитет како народ и земја, истиот оној кој денешната власт како неразбрани трговци го тргуваат, преговараат, се откажуваат. Тие кои се одрекуваат од нашите великани, и го понижуваат нашиот народ се понижуваат себе си, го валкаат нашето цивилизациско право да се повикуваме на нашите темели и она што сме како народ и земја.

– Деновите како денешниот се тука да не потсетат дека сме опстојале со векови и ќе опстоиме, допринесувајќи за светскиот развој и добробитта на народите ширум светот. Свети Климент Охридски беше продолжување на низата која носеше светлина и писменост, ние да бидеме тие кои ќе обезбедат почит на таа низа, но и сигурност и иднина на нашиот народ. Нека е честит и вековит денешниот празник, и Бог нека е со нас. За многу години!, вели Мицкоски во честитката.

 

 

Поврзани содржини