Пендаровски: Во овој момент сум реалист и умерен оптимист

Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот - изјави Пендаровски.

227

Јас во овој момент сум реалист и умерен оптимист. Разговарав со премиерот Зоран Заев, тој е таков по карактер, секојпат поголем оптимист од мене и од другите, државното раководство, кога ние ќе паднеме со духот тој не крева.

Ова го изјави меѓу другото претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски денеска по билатералната средба во Рим со неговиот италијански колега Серџо Матарела, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ.






Тој информира дека сигурно наредните денови ќе доставиме предлози, кои ќе се базираат на акциските планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правевме и во ноември и во декември, ги доставуваме и до Брисел и до Софија. Посочи дека нема иновација во тој дел, а вклучена патна е и енергетска инфраструктура, медиумска соработка, културата, образование…

– Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси – дециден беше претседателот Пендаровски.

Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, истакна Пендаровски, е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог. Укажа дека тоа е се што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог.

– Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот – изјави Пендаровски.

Во однос на мониторинг од страна на ЕУ за почитување на договореното, шефот на државата нагласи дека нема да има нов договор со Бугарија, а земјава нема никаков проблем со тој мониторинг.

Во однос на можноста за отворање посебно поглавје, кое би се однесувало на почитувањето на договореното, Пендаровски вели дека нема проблем со посебни поглавја, ниту со патокази и какви било други документи, но она за што е заинтересиран е нивната содржина, што пишува во нив.

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев  и претходно другите контакти со него, неспорна е една работа, претседателот Радев зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите – рече шефот на државата Пендаровски.

Потсети дека во петокот шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји најпрво во Софија, а потоа и во Скопје ги презентираа предлог решенијата за спорот

Добрата работа во однос на тој нон пејпр, истакна Пендаровски, е што ниту една од страните не го отфрли, ниту Софија, ниту Скопје. Беше земен, подвлече, како сет на идеи за кои вреди да се разговара и понатаму тие да се развиваат.

Се осврна на тоа дека го објаснил сето тоа во негова поранешна изјава односно дека е важно да знаеме оти и понатаму разговорите околу преговарачката рамка за нас ќе се водат во ЕУ, меѓу земјите-членки.

– Ние ќе даваме свои предлози, идеи, амандмани, меѓутоа на крајот тие решаваат. Во декември минатата година Бугарија не се согласи со таа преговарачка рамка, но тоа беше комплетно форум на ЕУ и тука ние не сме присутни – рече Пендаровски.

Уште еднаш повтори дека на средбата со бугарскиот претседател Радев не разговарале во детали. Генералната слика, потенцира Пендаровски, е дека и на Бугарија и одговара Западниот Балкан и С Македонија да одат напред.

Во врска за гаранциите од ЕУ за тоа дали ќе се имплементира билатералниот договор, Пендаровски посочи дека Бугарија вели оти не се задоволни од темпото на имплементација. Ние, рече Пендаровски, немаме ништо против, трета страна, нека биде и ЕУ, да каже ние сега ќе штиклираме дали билатералниот договор по сите тие точки и обврски се имплементира.

– ЕК како независно тело, непристрасна кон ниту една од страните, да каже дали тој договор оди со задоволително темпо. Ние тврдиме дека многу работи од тој договор се имплементирани, меѓутоа не ни пречи воопшто да дојде трет човек од страна и да каже ниту ти, ниту ти, оваа е вистината – изјави во Рим шефот на државата.

Пендаровски информираше дека во нон пејперот Португалците предлагаат дека треба да постои роуд меп или патоказ, со тоа што тие предлагаат овој пат патоказот да биде имплементиран и надгледуван во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација, а не во рамки на ЕК.

– Тука се разликуваме со нашите позиции – изјави Пендаровски и додаде оти смета дека тоа треба да остане во рамки на ЕК.

Во португалскиот предлог, појасни, постои друг детал што се однесува на истата работа.

– Има европски држави кои би биле заинтересирани да контрибуираат во Комисијата составена од историчари. Не како формални членови, како луѓе кои можеби би давале совети во однос на методологијата за работа. Отприлика ние ги знаеме кои земји би можеле да бидат, меѓутоа, ставот е ако воопшто двете страни се согласат да се приклучат такви луѓе на Комисијата, тоа мора да биде со взаемна согласност на двете страни. Тоа мора да бидат меѓународни експерти, можеме да се договориме и од која држава и конкретно по име и презиме – појаснува Пендаровски.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски изјави дека на средбата со неговиот италијански колега Серџо Матарела добиле целосна поддршка за нашите ЕУ интеграции и дека Италија ќе се заложи не само за С Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалната на европските интеграции.

До крајот на оваа година, по 20 години, како што најави Пендаровски, во земјава во официјална посета по осамостојувањето треба ќе дојде шефот на италијанската држава.

– Италија е битна држава во ЕУ. Италија била една од најгласните адвокати за Балканот да биде интегриран во евроатлантските интеграции и значајно е што еден човек, кој е во својата седма година од мандатот и еден од најпочитуваните европски државници да ја посети нашата држава и на лице место да ни изрази поддршка за сите битни стратешки работи и за нас и за нив – нагласи Пендаровски.

На средбата со двајцата претседатели разговарале за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Италија, при што нагласиле дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба.

Тие го истакнале и одличниот и континуиран политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската и економската соработка.

Поврзани содржини