Пендаровски тврди дека Реџепи измислува, а ВМРО-ДПМНЕ бара истрага

730

Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во целост ја демантира изјавата на поранешниот поглавар на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи искажана во емисијата „Клик Плус” на ТВ21.

„Претседателот Стево Пендаровски, ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација со тогашниот поглавар на ИВЗ, од што јасно произлегува дека наводите искажани од страна на Реџепи се целосно измислени. Претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР. Сметаме дека ваквите изјави од страна на Сулејман Реџепи се крајно несериозни и недолични, имајќи ја предвид неговата поранешна улога во Исламската верска заедница“, се вели во демантот од Кабинетот на Пендаровски.






На тврдењата на Реџепи реагира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ:

„Уставот е згазен и секуларна Македонија е поразена од страна на Стево Пендаровски, Зоран Заев, Миле Зечевиќ и нивните соработници од СДСМ во изборните малверзации. Ова го посведочи лично поранешниот реиз Сулејман Реџепи кој кажа дека од СДСМ го молеле и им помогнал за изборите, а за тоа Реџепи од Пендаровски добил и лична благодарница со зборовите „Ова е твоја победа, не моја“, се вели во партиската реакција. 

Дали е победата на Пендаровски или на Сулејман Реџепи, оставаме да истражи обвинителството, иако шансите за тоа се речиси невозможни бидејќи веројатно победата не е само на Реџепи и Пендаровски, туку и на Рускоска, додава опозициската партија.

„Но, чија и да е непобедата, јасно е кој е поразениот. Уставот на Република Македонија, еднаквоста меѓу граѓаните, демократијата, слободната изборна волја и европската перспектива на земјата. Оваа победа на Стево е пораз за граѓаните. Нема ЕУ со политичари кои организираат гласање за 4 секунди и чии победи се добиени со помош на верски лидери, а не со помош на програма, достоинствено претставување и фер битка. Нема унапредување на соживотот со религиозни избори наместо со демократија и еднаква шанса за сите. Непобедникот Стево треба да им се извини на сите граѓани на Република Македонија, да им објасни зошто неговата победа била победа на поранешниот реиз Сулејман Реџепи и да поднесе одговорност. Македонија заслужува демократија и претседател избран од граѓаните, а не избран со  партиските мешетарења со верски лидери, поткуп и повреда на гласачките права““, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини