„ПЕНДАРОВСКИ СЕ ИЗЈАСНИ, ДАЛИ ВО ВМРО-ДПМНЕ ГО СМЕНИЛЕ СТАВОТ?“ Кога би бил избран во Собрание, тој рече дека за едно попладне би бил сменет
Од кабиентот на претседателот Стево Пендаровски кој се натпреварува за втор мандат, денеска кусо одговорија на прашањето на ВМРО-ДПМНЕ дека Пендаровски веќе се има изјаснето за предлогот за избор на претседател на државата во Собрание
„Пендаровски се има изјаснето на оваа тема. Прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ го промениле ставот?“, одговорија од кабинетот на Пендаровски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска побара Пендаровски да каже дали го прифаќа условот на ДУИ за поддршка во вториот круг, претседателот на државата да се бира во Собранието.
Вчера во интервју на ТВ Сител Артан Груби од ДУИ изјави дека неговата партија ќе ги даде гласовите во вториот круг за онаа партија која ќе прифати претседателот на државата во иднина да се бира во Собрание.
„Артан Груби го испорача условот на ДУИ, тој кажа дека услов за коалиција и поддршка во втор круг е ДУИ да добие ветување за избор на претседателот на државата во Собранието од наредните избори. Стево Пендаровски како слуга, поддржувач и човек што се восхитува на Али Ахмети да каже дали за него е прифатлив овој услов за поддршка во вториот круг“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ го отвори ова барање за промени во начинот на избор на претседател на државата пред почетокот на кампањата. Најавувајќи ја својата кандидатура на 1 март годинава, Пендаровски објасни зошто смета дека е подобро тој да биде избран на општи избори а не во Собрание.
– Далеку е подобро да имате претседател кој е назависен во однос на политичките субјекти па и во однос на економските центри на моќ, кога сте бирани на општи избори отколку кога сте бирани во Собрание. Ако смеам да шпекулирам, во 2019 за аферата Рекет бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Јас ви тврдам ако бев избран во Собрание, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото попладне. На Македонија ѝ е потребна ваква независна институција која може да биде баланс, мора да постои една морална вертикала која дури и на оние кои го предложиле и го гласале ќе им каже „до тука“ – рече тој.