ПЕНДАРОВСКИ ПРОГОВОРИ НА АЛБАНСКИ „Кој меѓу вас сака да биде прв, мора да ви биде слуга”

Во обраќањето на церемонијата на откривањето на бистата на Мајка Тереза во косовската амбасада во Скопје на кој присуствуваа и претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот Стево Пендаровски упати порака на албански.

3,504

Претседателот Стево Пендаровски денеска упати порака на албански во обраќањето на церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, настан организиран во косовската амбасада во Скопје, а на кој присуствуваа и претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.

-Имам особена чест што сум дел од церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, светски позната хуманитарка, добитничка на Нобелова награда за мир, без дилеми, една од најзначајните личности на 20-от век. Иако целиот свет ја знаеше како Мајка Тереза, за нас, нејзините сограѓани таа беше и остана скопјанката Гонџа Бојаџиу. Токму во нејзиниот роден град каде што ги помина првите 18 години од својот живот и којшто четири пати подоцна го посети дарувајќи љубов и ширејќи милосрдие, имаме можност да откриеме уште една нејзина биста. И овде, во просторот на косовската амбасада, ликот на Мајка Тереза ќе не потсетува на нејзината морална чистота, грижа за беспомошните, болните и сиромашните. Ќе не потсетува на една маркантна фигура која треба да ни биде инспирација да подаруваме, да се грижиме еден за друг како најблиски соседи и искрени пријатели – стои во обраќањето на Пендаровски интегрално проследено од кабинетот на претседателот.






Пендаровски посочува на мултиетничката македоснак средина повикувајќи на разбирање и соработка

-Мултиетничката, мултикултурна и мултирелигиозна македонска средина во која порасна Гонџа Агнес Бојаџиу се уште е пример за соживот и взаемна почит меѓу луѓето. Од секогаш сме биле дел од еден ист, заеднички простор и ќе продолжиме да бидеме дел од него. Затоа треба да ги надминеме поделбите, омразите од минатото,  да си простиме за старите гревови и да продолжиме понатаму. На Балканот, имаме видено доволно беда, сиромаштија, војни, омраза, гнев, меѓутоа, во име на подобрата сегашност и иднина ни треба соработка и разбирање, не како форма, туку суштински.

За својата хуманитарна дејност, посветеност и пожртвуваност, Мајка Тереза има добиено стотици награди, со што е веројатно една од најнаградуваните личности во историјата на човековата цивилизација. Сепак, и покрај тоа, таа беше скромна и понизна, свесна за минливоста на човечкиот живот и нашите лимитирани капацитети како индивидуи.

Дозволете ми, на крајот од моево обраќање, да споделам една мисла која за мајка Тереза ја изрече папата Јован Павле Втори, за време на чинот на нејзина беатификација пред 20 години, која е парадигматска во контекст на нејзината животна филозофија. Во таа прилика, Светиот Отец рече дека таа била олицетворение на библискиот стих “Кој меѓу вас сака да биде прв, мора да ви биде слуга”.

Или, на нејзиниот мајчин, албански јазик: “kushdo nga ju që do të dojë të jetë i madh, le të jetë shërbëtori juaj”.

Faleminderit!

Ви благодарам!“ – поздрави Стево Пендаровски.

 

Поврзани содржини