Пендаровски прогласи вонредна состојба во целата земја

Одлуката е донесена, за поефикасно справување со коронавирусот. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика - истакна Пендаровски во вонредното обраќање.

759

Македонија од вечерва е во вонредна состојба поради спречување на ширењето на коронавирусот.

– Ја потпишав Одлуката за прогласување на вонредна состојба на целата територија на државата.  Мојата одлука се  базира на членот 125 од Уставот доколку Собранието не може да се состане, а одлуката за вонредна состојба  ја донесво заради заштита од вирусот и истата ќе трае 30 дена -рече во обраќањето до нацијата Претседателот на државата, Стево Пендаровски.






Ова е првпат во историјата земјата да е во вонредна состојба.

–  Фактот што првпат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Одлуката е донесена, за поефикасно справување со коронавирусот. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика – истакна Пендаровски во вонредното обраќање.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка.

Вонредната состојба е прогласена по предлог на Владата поради справување со ситуацијата со коронавирусот. Собранието е распуштено и не може донесе одлука, па собранискиот спикер, Талат Џафери,предлогот го проследи до претседателот на државата.

Вонредната состојба ќе трае 30 дена, а доколку е потребно ќе биде продложена за уште толку.

Во тој период, Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај за ефектите од донесените мерки за заштита против коронавирусот, дневно да го информира за преземените активности и за ажурираните планови за постапување во иднина.

– На извршната власт и престојат големи одлуки и за економијата и за ограничувањата на луѓето. Штетите за фирмите се огромни, тука владата мора да понуди значителна помош. Не очекуваат тешки денови, но како претседател немам никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам, очекувам и од Владата, која ќе има голема одговорност, да биде на висина на задачата. Очекувам  Владата, министерствата, ЦУК, Дирекцијата за спасување, и од сите инволвирани дневно да информираат за сите активности и за ажурирањето на плановите за справување -, рече Претседателот.

Пендаровски вечерва им порача на граѓаните::

– Одложете ги патувањата,  апелирам да бидеме смирени, одговорни и солидарни – рече Претседателот.

Воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

 

 

 

Поврзани содржини