Пендаровски: Од секој од нас зависи до кога ќе биде неопходен полицискиот час

166

Во пораката по повод одбележувањето на Светскиот ден на здравјето кога се соочуваме со глобалната закана ковид-19, претседателот на државата Стево Пендаровски уште еднаш ги повика граѓаните да бидат одговорни и дисциплинирани.

„Со стотици илјади смртни случаи во целиот светот, вирусот ковид-19 сè уште претставува глобална закана по сечиј живот. На денешниот Светски ден на здравјето уште еднаш повикувам да бидеме одговорни и да бидеме дисциплинирани. Од секој од нас зависи дали ќе има потреба и натаму да се заоструваат мерките за заштита. Од секој од нас зависи до кога ќе биде неопходен полицискиот час или вонредната состојба“, истакнува во својата порака објавена на Фејсбук претседтелот Пендаровски.






На меѓународниот ден на здравјето, тој изразува посебна почит и признание за докторите и за останатиот персонал во здравствените установи.

„Тие се на првата линија во спречувањето и справувањето со последиците од епидемијата на ковид-19. Го ризикуваат своето здравје и својот живот, за да го заштитат нашето здравје и нашите животи. Затоа, да ги почитуваме препораките и да им помогнеме на лекарите. Само заедно можеме да ја добиеме битката против коронавирусот“, потенцира претседателот Пендаровски.

Поврзани содржини