Пендаровски: Од „Фајзер“ ни рекоа дека не сакаат да разговараат со држави под 2 милиони жители како нас
Пендаровски откри дека нашата земја барала преку единствениот наш жив Нобеловец Ферид Мурад, кој бил во бордот на Фајзер да помогне, но залудно.
Големите држави со стотици милиони жители имале предност во набавката на вакцини од „Фајзер“, а компанијата не разговараат со држави кои имаат помалку од два милиони жители, уверува претседателот Стево Пендаровски во гостување на ТВ21.
Тој рече дека заедно со еден министер пред Нова година биле во контакт со компанијата-производител на вакцини.
–Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година, кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши. Рекоа дека во овој момент имаме неверојатно навалување на држави со стотици милиони жители. Така била политиката, да не разговараат со држави помалку од 2 милиони жители – рече Пендаровски кој додаде дека системот Ковакс потфрлил.
Пендаровски откри дека нашата земја барала преку единствениот наш жив Нобеловец Ферид Мурад, кој бил во бордот на Фајзер да помогне, но залудно.
– Се јавувавме секаде, по служби, по држави, по поранешни дипломати сегашни. Пред два месеци добивме информација од наши извори дека единствениот наш жив Нобеловец Ферид Мурад е во бордот на „Фајзер“. Дојдовме до него, се обративме, да помогне. Практично сите ги користеле тие приватни релации, сите земји. И во контекст на ова израелскиот премиер вели: Благодарам на главниот на Фајзер што не ги заборави своите Евреи и еврејскиот народ. Така што сите имаат користено свои контакти, само што предност имаат големите земји – рече Пендаровски.