Очекувам во првиот круг гласовите да се поделат на повеќе страни и не очекувам дека има некој било каква шанса да добие во првиот круг. Меѓутоа, во вториот очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот, изјави Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат на коалицијата предводена од СДСМ за претстојните претседателски избори, по отворањето на Централниот штаб во Скопје.
Тој посочи дека на претстојните избори има седум кандидати, најмногу досега во македонската историја,и додаде дека во 1999 година имало шест кандидати.
– Денеска го отвораме свечено Централниот штаб за мојата граѓанска кандидатура во центарот на Скопје, меѓутоа и од денеска е првиот ден на кампањата. Продолжуваме попладне со посета на неколку населени места на неколку општини во Четвртата изборна единица со завршна средба со граѓани за денеска во Прилеп – рече Пендаровски.
Во текот на кампањата, до крајот на првиот круг, планирано е тој да посети 65 населени места во сите изборни единици во сите општини во земјава.
– Очекуваме да имаме средби со илјадници наши граѓани и да им претставам што е мојата понуда за следните пет години. Некој ќе рече дека можеби преголемо претставување не е потребно од моја страна бидејќи имам зад себе петгодишен мандат и македонските граѓани многу добро знаат за што сум се залагал, за што сум бил против, што сум поддржувал и отприлика знаат кој политички профил можат да очекуваат и во наредните пет години ако ми ја дадат довербата. Меѓутоа, јас мислам дека контекстот изминатите пет години се има малку променето и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика – рече Пендаровски.