Пендаровски: Нема да прогласам нова вонредна состојба
Тој објасни дека за полицискиот час, за карантинот и за кризната состојба постои законска регулатива и нема потреба од вонредна состојба за да се применуваат овие мерки.
На 30 мај оваа година донесов одлука за прогласување нова вонредна состојба од 14 дена, а таа истекува утре на полноќ. Сите вонредни состојби досега ги прогласував на барање на Владата и на сите одлуки им претходеше седница на Собетот за безбедност. Познато е дека сите претходни вонредни состојби ги прогласив поради отсуство на Собрание со цел борба против пандемијата со коронавирусот. Но, сметам дека во моментов нема потреба да прогласам нова вонредна состојба, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција.
– Последните денови се наметна дилемата дали е можно воведување вонредна состојба само на барање на Владата или претседателот може сам да прогласи. Уставот е јасен, претседателот може и без барање на Владата да прогласи вонредна состојба. Но, тоа јас никогаш не го сторив, бидејќи сум убеден дека ниту една институција не смее да ги игнорира останатите институции при носењето сериозни одлуки. Сметам дека во овој момент нема потреба да прогласам нова вонредна состојба. Според информациите од Владата, во изминатиот период се донесени економски мерки, а и Владата не достави формално барање за воведување нова вонредна состојба – рече Пендаровски.
Тој објасни дека за полицискиот час, за карантинот и за кризната состојба постои законска регулатива и нема потреба од вонредна состојба за да се применуваат овие мерки.
– Друга работа, која е многу важна, вонредната состојба не влијае врз датумот за одржување избори. Избори можат да се прогласат и за време на вонредна состојба – истакна Пендаровски.