Пендаровски нема да го потпише Указот за Законот за градба ако новите објекти се непристапни за лицата со попреченост

1,157

Претседателот на државата Стево Пендаровски  нема да  го потпише Указот за прогласување на Законот за градба доколку во него не се имплементирани главните сугестии на лицата со попреченост,  а коишто предвидуваат новите објекти да бидат пристапни за лица со попреченост.

Ова шефот на државата го вети на одбележувањето  на Меѓународниот ден на лицата со попреченост кој под мотото „Да градиме подобра поддршка: за лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост ковид-19“ денеска се одбележа во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.






Пендаровски посочи дека покрај мерките на институциите коишто се најважни во моментов, потребна е и поголема индивидуална одговорност. Тој рече дека нашата земја пред речиси една деценија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост и истакна дека како држава и натаму заостануваме со нејзина целосна и доследна имплементација. Тој додаде дека крајно време е да се имплементираат одредбите на Конвенцијата, особено членовите 5 и 9, односно, правата на пристапност и на еднаквост и недискриминација.

– Потребно е надлежните институции со директна поддршка и вклученост  на претставниците од организациите на лицата со попреченост, поефективно да пристапат кон имплементација на споменатите членови.  Исто така, неопходно е лицата со попреченост и нивните организации да бидат вклучени во мониторингот, во надзорот над имплементација на Конвенцијата, при што мора да се изнајдат соодветни модалитети за вашето учество во мониторингот за тој да не биде само формалност – потенцираше претседателот Пендаровски.

Во услови на пандемијата на ковид-19, најзагрозени се најранливите категории наши сограѓани, на коишто им е потребна поддршка, солидарност и грижа. Во таа насока, заклучи претседателот Пендаровски, „покрај институционалните мерки кои се најважни во моментов, потребна е и зголемена индивидуална одговорност и ангажман на секој наш граѓанин. Сите ние како поединци можеме да придонесеме со нашето однесување, проактивност и одговорност“.

Претседателот на Националниот Совет на инвалидски организации и претседател на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република С. Македонија, Томица Стојановски во своето обраќање истакна дека одбележувањето на 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост започна во 1992 година, со резолуција број 47/3 донесена на Генералното Собрание  на Обединети Нации.

– Активностите за одбележување на овој ден имаат за цел да го промовираат разбирањето за проблемите на лицата со инвалидност и да мобилизираат поддршка за достоинство, правда, и благосостојба на овие лица – рече Стојановски.

Одбележувањето на денот, како што посочи тој, нуди можност да се поттикнат промени во ставовите кон лицата со инвалидност и да се отстранат бариерите за нивно целосно учество во сите аспекти на животот.

– Ништо за нас, без нас е препознатлив акроним на лицата со инвалидност за еднаков и достоинствен живот со кој националните инвалидски организации се обидуваат да ја зголемат свеста за придобивките што произлегуваат од интеграцијата на лицата со инвалидност во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нашата држава – додаде Стојановски.

 

Поврзани содржини