ПЕНДАРОВСКИ НЕ ГЛЕДА НИКАКОВ ПРОБЛЕМ БУГАРИТЕ ДА БИДАТ ВО УСТАВОТ И да нема уставни измени до ноември, нема опасност од дестабилизација
Никаква дестабилизација на Македонија нема да се случи сигурно. Ако не се случи во 2008, кога на самитот во Букурешт бевме одбиени за членство во НАТО, нема никаква причина дека сега, би се случила таква безбедносна дестабилизација ако не продолжиме кон Европа - вели Пендаровски.
И да не се случат измените во Уставот до ноември, нема опасност од дестабилизација на државата, но можно е драстично демократско уназадување и економско стагнирање – посочи претседателот Стево Пендаровски во емисијата Трилинг на Телевизја 24.
– Не можам да кажам дека нема да бидат, не ги знам евентуалните комуникации, ако постојат, кои луѓе од Владата или меѓународни посредници можеби ги имаат со двете страни. Можеби тука нешто ќе се промени. Но, гледам дека позицијата на опозицијата е прилично тврда, а искуството ме учи дека кога се приближуваме кон избори, а изборите се за седум до десет месеци од денес, многу тешко го менувате тој став кој ви носи партиски поени. Овој став на главната опозициска партија е од чисто партиски резон, за да добијат гласови, особено кај етничките Македонци – рече Пендаровски
Претседателот на државата истакна дека позициите на двата главни политички блока во Парламентот се еднакво далеку еден од друг како што беа и пред една година или пред пет-шест месеци. Тој смета дека не е никаков проблем, ниту опасно за стабилноста, перспективите и иднината на Македонија, Бугарите да бидат една од 12-13 заедници кои ги имаме или ќе ги имаме во Уставот“.
– Ако 3 500 луѓе што живеат во Македонија се проблем, тогаш не знам што друго би било реален проблем што би ни се заканувал – рече Пендаровски.
За реперкусиите ако до крајот на ноември не се остварат уставни измени, шефот на држава смета дека изјавите дека би можеле да останеме во последната група или подгрупа од Западниот Балкан за интегрирање не се закана, туку легитимна политичка проценка
– Пред извесен период имаше изјави од некои политички актери кои велеа дека ако сега не продолжиме кон интеграции во Европа, дека можеби некои општини со доминантно албанско население би можеле да побараат сопствен пат кон Европа. Настрана што тоа е невозможно, но тоа се неодговорни политички изјави и непотребно го заплашуваат народот бидејќи такво нешто е невозможно. Такви слични изјави имавме слушано во 2008 и 2009 во однос на НАТО-интеграциите. Никаква дестабилизација на Македонија нема да се случи сигурно. Ако не се случи во 2008, кога на самитот во Букурешт бевме одбиени за членство во НАТО, нема никаква причина дека сега, би се случила таква безбедносна дестабилизација ако не продолжиме кон Европа – истакна Пендаровски.