Пендаровски: На 26 март добиваме датум за преговори, во понеделник го свикувам Советот за безбедност поради коронавирусот

Тој апелираше до граѓаните и до медиумите да не шират лажни вести за коронавирусот, оти, како што истакна, деновиве биле детектирани неколку обиди за планско ширење лаги за заразата со цел да се влоши состојбата и народот да ја загуби вербата во институциите.

2,150

Според најновите информација што ги добивме во текот на вчерашниот ден, координациите во Брисел во однос на преговорите за членство на земјава во Европската Унија се практично завршени, па очекувано е на 26 март да финишира процедурата на највисоко ниво, изјави шефот на државата Стево Пендаровски на денешната прес-конференција.

– Моите информации покажуваат дека Северна Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло за почеток на преговори за членство во европското семејство на 26 март. Што се однесува на членстото на земјава во НАТО, пак, јас очекувам од шпанскиот крал да го потпише Протоколот на 17 март  – рече Пендаровски.






Тој се осврна и на состојбата со коронавирусот во земјава, па нашата земја, според него, се справува најдобро со заразата од сите други земји во регионот.

– За состојбата со коронавирусот морам да ви кажам една моја оценка за досегашното постапување на надлежните институции, а тоа е дека нашата земја се справува најдобро од сите други земји во регионот. До овој момент е спречено ширењето на епидемијата во земјава. Мерките кои се на сила даваат ефект и затоа во овој момент сме само на 9 потврдени случаи. Имаме доволно залихи и надлежните добро си ја вршат својата работа. Морам да ви порачам дека никакво ниво на ноншалантност не е дозволено ако сакаме да ја ограничиме епидемијата. Мојот кабинет ги редуцираше своите активности, а и најголемиот дел од институциите го сторија истото – рече Пендаровски.

Тој апелираше до граѓаните и до медиумите да не шират лажни вести за коронавирусот, оти, како што истакна, деновиве биле детектирани неколку обиди за планско ширење лаги за заразата со цел да се влоши состојбата и народот да ја загуби вербата во институциите.

Пендаровски, исто така, соопшти дека во понеделник во 16 часот ќе одржи седница на Советот за безбедност, а освен стандардниот состав, ќе присуствува и министерот за здравство, како и началникот на Генералштабот. Тој не ја исклучи можноста, ако состојбата со вирусот се влоши, да биде прогласена дури и вонредна состојба.

Во поглед на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април, шефот на државата рече дека алтернативното водење на кампањите може да функционира, но исто така потенцираше дека не секој граѓанин користи Интернет и социјални мрежи.

– Може да се спроведува кампањата преку социјалните мрежи, меѓутоа постојат цели категории граѓани, особено повозрасните, кои немаат пристап на Интернет како што имаат младите. А за да има избори, граѓаните треба да бидат целосно информирани за да можат да гласаат. Пак ќе повторам, изборите со редуцирана кампања се возможни, но јас имам резерва во поглед на самиот ден на изборите – рече Пендаровски.

На прес-конференцијата ѝ претходеше мерење на температура на новинарите и на снимателите, а обраќањето на претседателот се оддржа под ведро небо.

Поврзани содржини