Пендаровски и Заев – секуларноста во канализација!
Однесувањето на Пендаровски и Заев е како на пример, архиепископот Стефан или реисот Фетаку во име на државата да побараат заем од Светска банка за надминување на корона кризата во „нашата земја“.
Кога еден расипан нокт ќе падне, го заменува друг. Исто е и со навиката. (Еразмо Ротердамски)
Си беа биле Никола Груевски и Ѓорге Иванов, кои од обични световни луѓе, „духовно процветаа“ откако стапија на функциите премиер и претседател. Многупати на сметка на државата ѝ беа помагале на нивната црква МПЦ. Тоа стана нивна политичка навика. Едниот, пак, постојано висеше по истанбулските сокаци и се обидуваше на сите заобиколни начини да ѝ го реши статусот. Тој, дури и присно се спријатели со истанбулскиот патријарх, но попусто.
Еве ги сега менливите и минливи Пендаровски и Заев, како ги надминуваат нивните претходници! Веднаш ја стекнаа истата политичка навика. И додека Груевски, а особено Иванов, своите излети ги правеа преку неврзани разговори со дедото од Фанар, Пендаровски и Заев отидоа подалеку и официјално ја вмешаа целата држава во верскиот проблем на само една од 40-ината регистрирани верски заедници. Некој кажа: однесувањето на Пендаровски и Заев е како на пример, архиепископот Стефан или реисот Фетаку во име на државата да побараат заем од Светска банка за надминување на корона кризата во „нашата земја“.
Тогаш, по што се разликуваат Пендаровски и Заев од Иванов и Груевски, ако се на истото ниво како нив, за кои со нетрпение чекавме да заминат поради нивните непоправливи навики? И кој би рекол дека Пендаровски и Заев, исто како Иванов и Груевски, од обични секуларни лица, ќе влезат во толкав „духовен занес“, да во екот на својот мандат, наместо да ја водат државата европски, од демократија, ќе направат теократија и ќе почнат да се занимаваат со верски прашања? Пендаровски и Заев не оставаат впечаток дека се духовно созреани или заинтересирани за верата, за да им е грижа за некоја верска заедница. За жал, тие, како и нивните претходници се поведоа по востановената политичка навика – човек кој доаѓа на голема државна функција, набрзина да се „продухови“ и да почне да делува и во таа сфера. Оваа политичка навика не е ништо друго, освен едно рамно движење на примитивната несвесна природа на политичарите со високи функции – т.н. лоша навика (bad habit). Лоша е, затоа што набрзина стекнатиот „религиозен порив“ – да направат нешто за „нивната црква“, остава лоши последици по црквата Христова, па дури и по непризнатата МПЦ, бидејќи токму така докажуваат дека таа е неспособна сама да си ги решава проблемите.
Прво, од каде им е идејата на претседателот и премиерот, кои еден по друг праќаат писма со верска содржина, а се секуларни политичари, дека Истанбулскиот патријарх има право на црковна апелација? Таа проблематика не е од нивни домен, туку е исклучиво од доменот на црквата, и тоа на оние кои се занимаваат со канонското право во неа. Но, бидејќи Пендаровски и Заев веќе го повлекоа потегот, тие што ги советувале, превиделе дека Истанбул веќе не е седиште на големи монархии, на чие чело бил императорот, а до него престолниот патријарх, и двајцата со судско-административни привилегии, кои важеле во целата империја, т.н. вселена.
Второ, пред да ги праќаат писмата, размислиле ли Пендаровски и Заев за евентуалните последици доколку истанбулскиот патријарх, во своите поодминати години навистина потклекне пред искушението да демонстрира папаизам и да го уважи барањето за признавање на „нивната црква“. Со тоа, наместо да се реши еден раскол, ќе се направи уште поголема поделба во соборната црква, а тоа, пред Бога, ќе падне на нивниот грб. Пендаровски и Заев се сведоци дека со давањето Томос на украинските расколници, не се реши проблемот. Единаесет, од вкупно 14 православни цркви не ја признаа т.н. Православна црква на Украина (ПЦУ), а проблемот дури и се продлабочи, зашто руската црква го прекина единството со Истанбулскиот патријарх и со останатите кои ја признаа ПЦУ. Дури и самиот Томос за ПЦУ е половичен: Фанар ги надгледува повеќето внатрешни прашања на ПЦУ.
Дали Пендаровски и Заев сакаат повторување на ваквите погубни решенија и сакаат иста таква фалична автокефалија, или можеби навистина мислат дека со „нивната црква“ ќе биде поинаку? Еве, на време им кажувам дека ќе биде дури и полошо ако Фанар одлучува за МПЦ. Овој пат, ниту оние две цркви блиски на Истанбул (од грчкиот клуб, кои ја признаа ПЦУ), нема да ја признаат „нивната црква“, туку расцепот ќе се зголеми, зашто веројатно и СПЦ целосно ќе го прекине општењето со Истанбулската црква. Тогаш, како сметаат Пендаровски и Заев, без сеправославен консензус и со правење нов расцеп дека ќе дојде до „помирување на нивната црква со ближните“ или дека на тој начин „нивните архиереи ќе сослужуваат со архиереите од сите православни цркви во светот“? Но, изгледа, толку и може да се очекува од политичари – кариеристи. Обично таквите не погледнуваат кон иднината, а заради остварување на своите плитки цели подготвени се да прегазат сѐ пред себе, па и целата соборна црква, само да ја остварат својата пеколна агенда.
Што се однесува, пак, до општествениот карактер на упатените барања до Истанбул, гледаме дека Пендаровски и Заев, понесени од навиката, со неверојатна леснотија, излегоа надвор – и од нивниот мандат, и од границите на Уставот. Ги злоупотребуваат административните ресурси на функцијата и настапуваат, не од државно, туку од лично име и за нечиј интерес. Ваквата злоупотреба е неоправдана.
Мнозина со право се запрашаа, зар не беше Пендаровски довчерашниот проевропски, демократски и исклучиво секуларно ориентиран политичар? И, зар не беа Пендаровски и Заев необременети со вера, национализам и сл., поради што ѝ ги добија гласовите од мнозинството граѓани, меѓу кои и оние на Србите, Албанците, Ромите…? Од каде сега секуларни политичари, во име на државата да пишуваат документи со меѓународна сила, во кои зборуваат за некаква „наша црква“. Дали таа „црква“ е државна црква? Дали се однесува на сите граѓани во државата? Дали е црква и на Али Ахмети, и на Амди Бајрам?
Пендаровски дури не е ни искрен со Истанбулскиот патријарх кога му вели дека во изминатите години државата ги надминала историските несогласувања. Во полн ек се одвиваат историските несогласувања со соседна Бугарија. Поради историски несогласувања, тој не се осмели ни неговата црква да ја нарече со нејзиното име.
Ако се грижеа навистина за нечија верска положба, Пендаровски и Заев прво ќе организираа средба со сеправославно признатата ПОА, чија стразбуршка пресуда против државата не е спроведена. Неизвршувањето меѓународна пресуда која има императивно дејство, носи огромна штета на демократијата и на владеењето на правото, како клучни критериуми за евроинтегративните процеси на државата, на чие чело се токму Пендаровски и Заев. Тие го знаат тоа, но баш им е гајле.
Ако овие двајца навистина сакаа да ѝ помогнат на „нивната црква“, ќе го проучеа и повикот на патријархот Павле, кој беше упатен до сите христијани во тогашна Република Македонија. Бидејќи, „нивната црква“ не се одвои на неканонски начин од Истанбулската црква, па сега од неа да бара признавање, туку пучистички се одвои од СПЦ и затоа останува непризнаена. Во обраќањето на патријархот Павле се истакнува: „Суштината на духовниот подвиг е воспоставување литургиско и канонско единство со СПЦ и со тоа, преку неа, со сите свети православни цркви од вселената, односно, со севкупното православно духовно семејство во светот“.
Тоа е токму она што Пендаровски и Заев го бараат во писмата. Доколку тие ѝ мислеа добро на „нивната црква“, наместо да бараат некакво еднострано и ad hoc решение во Истанбул, ќе ја поттикнеа „нивната црква“ да го исполни спомнатиот повик. Зашто, според горе наведеното, трајно и сеопшто признавање на „нивната црква“ може да гарантира само СПЦ, а не Истанбул.
Ете, кога вака ќе почнат да размислуваат, Пендаровски и Заев ќе можат да излезат од провинциската, негативна спирала на политичката навика во која загазиле. Еминентно за нејзино надминување, според зборовите на Феликс Равесон, е само активната промена на лошата навика која мора да потекне од самиот носител, со желба да го прошири својот духовен светоглед и на туѓите мислења, без никаков негативен догматизам. Дури тогаш личноста ќе стекне здрава навика од која ќе произлезе просветлување на духот.