Претседателот на државата Стево Пендаровски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ на СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев по повод 23 Mај, Националниот ден на Власите, упатија честитки до сите припадници на Влашката заедница во земјава.
– Ми претставува особена чест да ви го честитам 23 Мај, Националниот ден на Власите. На овој ден во 1905 султанот Абдул Хамид Втори го издаде декретот со кој во рамките на Отоманската Империја беа признаени националните права на Власите и се овозможи отворање на училишта на влашки јазик како значаен чекор кон зачувување на нивната етничка и културна самобитност. По 115 години од овој чин, припадниците на влашката заедница, токму во Република Северна Македонија, го остваруваат правото на граѓанско и политичко организирање, уживајќи ги сите права како и останатите етнички заедници со што го зајакнуваат својот етнички, јазичен и културен идентитет. Нашата земја со право може да се гордее на придонесот на припадниците на влашката заедница во општествените текови и во сите сегменти на секојдневното живеење. Нашето мултиетничко и мултикултурно општество не е само резултат на законски одредби, стандарди и практики. Тоа е одраз на меѓусебното разбирање, заедништво и почит на сите наши граѓани.
Како и целиот свет, така и нашата заедничка татковина, Република Северна Македонија, се соочува со пандемијата на Ковид-19 која немилосрдно одзема човечки животи и остава длабоки здравствени, финансиски и социјални последици. Како и во сите историски премрежија, така и сега да останеме сплотени, солидарни и одговорни и да се заштитиме себеси, своите најблиски и целата заедница. Не се сомневам дека со цврста волја, посветеност, дисциплина и внимателност набргу ќе излеземе како победници пред невидливиот непријател кој не разликува расна, етничка, верска, полова, идеолошка или каква било припадност. Нека ни е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите, се наведува во честитиката од претседателот Стево Пендаровски.
Овој значаен ден за Влашката заедница претставува афирмација на нивната култура и традиција, се вели во честитката на Мицкоски.
– Нивниот придонес за градењето на основните човечки вредности во нашето општество, но и во изградбата на нашата заедничка држава Македонија е значајно голем. Денес власите исто како и другите заедници поминуваат низ заедничките предизвици, економска неизвесност, здравствена криза, несигурност и ерозија на моралните вредности наметнати од неодговорното лидерство на државата. Положбата на заедниците не се подобрува со убави зборови, туку со работа, стратегија и конкретен план.
Во овие тешки моменти за нашата земја посакувам добро здравје, надминување на предизвиците и подобар живот за Власите и за сите граѓани на Република Македонија.
Нека ваквите празници бидат повод за заедничка заложба за благосостојбата и просперитет на нашата држава, напиша Мицкоски.
Со особено задоволство од името на СДСМ и од мое лично име го честитам 23 мај, Националниот ден на Власите, пишува во честитката Заев.
– Денеска го одбележуваме Националниот ден на Власите, но оддаваме и признание, благодарни за се она што го направија и се уште го прават за нашата заедничка татковина.
На овој ден со гордост се сеќаваме на значајната улога на сите Власи кои храбро и пожртвувано учествуваа во најважните поглавја на нашата долга и богата историја, во борбата за слобода, државност и независност.
Влашката заедница несебично го дава својот придонес во градењето на нашето соверемено општество, заедништвото и меѓусебното почитување.
Честит 23 мај, Национален ден на Власите! Ti multsa anj Dzua Nacionala Armanjlor, се вели во честитката.