Пендаровски го потпиша Законот за коридорите: Антикорупциска да го обжали на Уставен суд
Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против, велат од Кабинетот на претседателот на државата.
Претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, информираат од Кабинетот на претседателот на државата.
– Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти – велат од Кабнетот на Пендаровски.
Одговорот од Кабниетот на претседателот уследи откако Антикорупциската комисија го повика Пендаровски да не го потпише Указот за законот.