Пендаровски ги потпиша указите и го повика Мицкоски да бекне за промена на границите на Балканот

Претседателот на државата нема надлежност да ја преиспитува уставноста и законитоста во работењето на Собранието, за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд, одговорија од Кабинетот на прозивката од Мицкоски, Пендаровски да бекне за денешните случувања во Собранието.

7,307

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите за прогласување на законите од т.н. петти пакет економски мерки, соопшти попладнево неговиот кабинет.

„На македонската јавност ѝ е добро позната заложбата на претседателот Пендаровски да ги поддржува сите законски иницијативи и проекти кои се во интерес на граѓаните и тоа се однесува и на т.н. петти пакет на економски мерки со кој помош треба да добијат 60.000 наши граѓани и стопански субјекти, најтешко погодени за време на пандемијата. Затоа, денес претседателот Пендаровски без никаква дилема ги потпишa Указите за прогласување на законите со кои ќе им се овозможи на илјадници наши граѓани да земат плата за февруари и март оваа година“, соопшти Кабинетот.






Пендаровски беше прозван денеска од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да не ги потпишува овие укази зашто опозицијата ги смета за нелегитимно изгласани откако двајца позитивни пратеници на ковид-19 гласаа во Собранието од изолирани кабини и облечени во скафандери.

Од Кабинетот велат дека претседателот на државата нема надлежност да ја преиспитува уставноста и законитоста во работењето на Собранието и дека за неа е одговорен претседателот на Собранието, а по усвојувањето на законите и Уставниот суд.

„Што се однесува до повикот на Мицкоски до претседателот да покаже дека е ‘достоен за функцијата која ја извршува’, нашите граѓани најдобро покажаа што мислат за достоинството на претседателот на изборите пред две години. Освен тоа, нашите граѓани знаат дека претседателот Пендаровски секогаш имал став за најважните прашања и проблеми со кои тие се соочуваат, дури и за работи кои не се во негова директна надлежност, а се во интерес на граѓаните, вклучувајќи го и повторно реактуелизираното прашање за промена на границите на Балканот. За жал, некои други, меѓу кои и Мицкоски ‘не бекнаа’ за овие екстремни и многу опасни предлози“, се наведува во реакцијата од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски апелира до сите политички субјекти да се однесуваат одговорно и да не најавуваат апсења и затворски казни за своите политички противници, затоа што тоа е во исклучива надлежност на правосудните органи. Најавата за поднесување кривични пријави за претпоставени незаконити дејствија е легитимна, меѓутоа, најавите и гаранциите за апсења кога доаѓаат од политичарите асоцираат на едно друго време кога единствената партија на власт беше и полицаец и обвинител и судија, смета Пендаровски.

Поврзани содржини
na