ПЕНДАРОВСКИ ГИ ЧЕКА ПАРИТЕ ОД ФРЧКОСКИ Кога ќе заврши трансакцијата Македонија ќе има за земање
Oд вкупниот износ на средства, 4 милиони американски долари, дел кој ѝ припадна на Република Северна Македонија, 3,4 милиони се префрлени, а останатиот дел од 0,6 милиони се очекува да биде префрлен наскоро, одговори Пендаровски по прозивките од Стоилковски.
Претседателот Стево Пендаровски денеска потврди дека од продажбата на имот на СФРЈ, на Македонија ѝ се префрлени 3,4 милиони долари, а дека останатиот дел од 0,6 милиони се очекува да биде префрлен наскоро.
„Во врска со наводите изнесени од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за заедничката продажба на објектот на Мисијата на поранешна СФРЈ при ООН во Њујорк, информираме дека претседателот Пендаровски е редовно информиран од надлежното Министерство за досегашниот тек на процесот. Oд вкупниот износ на средства, 4 милиони американски долари, дел кој ѝ припадна на Република Северна Македонија, 3,4 милиони се префрлени, а останатиот дел од 0,6 милиони се очекува да биде префрлен наскоро.
Согласно договорот, кога ќе биде заокружена целата купопродажна трансакција, сите средства ќе бидат префрлени во нашиот државен буџет. Претседателот Пендаровски очекува средствата од заедничката продажба на имотот кој ѝ припаднаа на Северна Македонија да бидат искористени согласно заклучоците на Владата за купување простории за Постојаната мисија при ООН во Њујорк и за објект за амбасада во Софија“, се наведува во одговорот од Пендаровски откако денеска ВМРО-ДПМНЕ го прозва да даде став за скандалот кој го откри опозициската партија.
– Кој и што e тоа што му дозволува вакво однесување на Фрчкоски, но и ваква понизност на Османи и Ковачевски кон самоволието на Фрчкоски? Каде е Стево Пендаровски во сиот проблем? Македонија и денес страда од транзициските олигарси коишто уживаат на грбот на народот! Владата веднаш да соопшти за што се планирани овие пари. Дали повторно на повидок е матна скапа зделка на Фрчкоски? – праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.