Пендаровски: До пред два дена политичките лидери беа блиску до датум за избори
Пендаровски рече дека последните два дена тие комуникации се прекинати.
Политичките партии беа блиску до договор за датум за избори, но поради развојот на ситуацијата и порастот на бројот на заболени и починати, разговорите се прекинати, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски кој додаде дека и тој имал комуникација со лидрерите на партиите.
– Ако ми е дозволено да шпекулирам без да споменувам имиња и датуми, тие беа во рамки од 10 до 15 дена можеби и поблиску според одредени нивни искажувања затоа што во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон и со уредба со законска сила може да се гласа и во среда да речеме – рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека последните два дена тие комуникации се прекинати.
-Јас веќе реков, и сакам сега да нагласам уште еднаш дека државата не може вечно да биде во вонредна состојба за некако да функционира. Ние ќе мораме да имаме политички институции. Нивно е да решат кога е според нив најдобро да имаме датум за избори, меѓутоа факт е дека короната ќе трае – рече Пендаровски.
Не можеме, рече тој, да кажеме дека во септември, во јули, во август дека ќе биде битно поинаку затоа што државата нужно мора, како и сите држави во светот да се отвора.