Пендаровски: Далеку сме од здравството во Шведска, ама и ние не сме лоши
Тој апелираше до граѓаните да поставуваат прашања и да бараат одговори за сето она што ги интересира, а исто така им порача дека не треба да имаат дилеми или сомнежи во надлежните институции.
При носењето на моите одлуки, никогаш не се поведувам по Фејсбук експерти или кафански експерти, рече претседателот Стево Пендаровски во денешното гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма.
– Зад мене стојат цели аналитички институции кои на дневна основа ме известуваат за сè што се случува. Ние не креваме паника и не веруваме во сè што ќе го прочитаме на интернет. Државата не е толку лоша колку што е лоша генералната перцепција кај граѓаните за својата татковина – рече Пендаровски.
Тој апелираше до граѓаните да поставуваат прашања и да бараат одговори за сето она што ги интересира, а исто така им порача дека не треба да имаат дилеми или сомнежи во надлежните институции.
– Не зборувам само за министерот за здравство Венко Филипче кој во случајов со коронавирусот е најистурен играч. Државата реагираше задоволително наспроти она што сите мислиме дека е хаос во здравствениот систем. Далеку сме од здравствениот систем на Шведска, на пример, но ви тврдам дека има луѓе кои се 24 часа во денот излезени на терен и кои не се прибрале дома со недели и со месеци. Тоа мора да го почитуваме – рече Пендаровски.