Пендаровски: Аман од советници што ги плаќаме со дебели пари, очекуваа Малески да го интернираме на Голи Оток
Аман од тие советници кои ги плаќаме со дебели пари и само ни велат – шефе, ти си најдобар, нема подобар од тебе. Мене тоа не ми треба. После ова интервју прва работа што ја правам со еден широк круг на мои советници и во кабинет и надвор од тоа, ги прашувам за реално мислење за мојот перформанс вечерва. И мене не ме интересираат лајковите или допаѓањата или шерувањата. Мене ми треба здрава критика за ова што го правам, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за 360 степени на ТВ Алсат.
Според него, професорот Денко Малески е само еден од луѓето со кои се советува за надворешната политика, а чии ставови за македонско-бугарските односи искажани на бугарска ТВ, предизвикаа бура од реакции.
– Некои критичари на неговиот став и на моето непостапување, веројатно очекуваа да го интернираме на Голи Оток, не знам што очекуваа. Велат, како можеш да соработуваш со таков човек кој не работи за националните и државни интереси. Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број 1 за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија, а не диктатура – вели Пендаровски.