ПЕНДАРОВСКИ ЈА ОДБРА АНТИМАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИКА Еднаш се премисли, ВМРО-ДПМНЕ го повикува пак да се премисли и да се поправи (ВИДЕО)
„Стево Пендаровски сериозно го има совладано синдромот на ретерирање кој што го наследи од Зоран Заев“, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Стево Пендаровски јавно се откажа од македонските национални интереси и интересите на граѓаните и ја одбра антимакедонската политика и по кој знае кој пат покажа и докажа дека не е на страната на граѓаните, туку е на страната на тесно партиските политички, антидржавни интереси на СДСМ, Димитар Ковачевски и Зоран Заев, како основоположник на сите овие неуспеси на Република Македонија“.
Ова на прес-конференција го соопшти Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„По само неколку денови Стево Пендаровски ретерираше од сопствените ставови. Ретерирајќи од референдумот, за кој што и самиот Пендаровски се изјасни дека треба да има референдум со чесна формулација, кој треба го поддржат сите политички партии, Стево Пендаровски покажа дека или нема политички капацитет да има сопствен став на кој што ќе опстои цело време или пак Ковачевски и Зоран Заев сериозно го имаат притиснато и му имаат покажано дека тој е само нивни пион кој го манипулираат и управуваат како сакаат од Владата.
Стево Пендаровски, како што можевте и самите да видите и да слушнете, во само неколку дена успеа да го излаже целиот народ, најпрвин за да ги придобие симпатиите на граѓаните и на јавноста, се изјасни дека треба да има референдум во насока како што ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски предложија, за потоа политички кажано, Владата да му свитка рака и да му каже дека не треба референдум и сето тоа било манипулација. Со што Стево Пендаровски ги пренесе повторно ставовите на Владата, ретерирајќи од она што го кажа само неколку денови претходно“, изјави Арсовски и додадека дека „граѓаните можат да ја видат антимакедонската страна на Пендаровски на дело“.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот Пендаровски за „драстично менување на ставови и биполарно политичко однесување во само неколку денови“, кое „може да се карактеризира како политичка незрелост за заземање став за крупни и важни политички прашања“.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека Пендаровски се уште има шанса да се поправи.
„Секако, ако тој самиот е самостоен политичар и институција, а не човек со кој управува Владата и Ковачевски. Сепак интересот на граѓаните и на државата е поважен од се, вклучително и од ретерирањето на Пендаровски. Кога еднаш го сменил ставот, може уште еднаш само и само во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, изјави Арсовски.