ПЕНА НА ТАВАНОТ, САМО ЕДЕН ИЗЛЕЗ… Бројни прашања се поставуваат по пожарот во барот во Кран-Монтана
Се чини дека станува збор за материјал за звучна изолација. Истрагата ќе треба да утврди дали материјалите биле соодветни или не - изјави за RTL Стефан Ганзер, шеф на кантоналниот оддел за безбедност во Вале.
Пожарот во Кран-Монтана, во кој загинаа најмалку четириесет лица, а околу стотина беа повредени, избувна во бар кој организирал забави во својот подрум. Оваа ситуација покренува прашања за почитувањето на безбедносните стандарди.
Барот пламнал за миг, заробувајќи многу млади луѓе кои дошле да ја прослават Новата година. Повеќе од 24 часа по инцидентот, точните причини за пожарот сè уште се нејасни.
Властите во Вале, кои соопштија дека отвориле истрага за пожарот, сè уште не шпекулираат за причината за трагедијата. Иако неколку сведоштва ја поткрепуваат теоријата за несреќен случај, овој фатален пожар отвора прашања и за безбедносните услови под кои се одвивала новогодишната прослава.
Запалива изолациска пена на таванот?
Неколку сведоштва, пренесени од BFMTV и други швајцарски, француски и италијански медиуми, известуваат дека прскалките прикачени на шишиња, кои едно лице ги држело високо во рацете, го предизвикале пожарот откако го допреле таванот.
Аксел и Нејтан, двајца сведоци, изјавија за BFMTV дека тоа било редовно „шоу“ во објектот, резервирано за клиентите кои правеле специјални нарачки за својата маса.
Две фотографии, испратени до BFMTV, ја покажуваат атмосферата на вечерта пред да избие пожарот. На една од тие фотографии се гледа како пената на таванот се пали под искрите од прскалките.
– Се чини дека станува збор за материјал за звучна изолација. Истрагата ќе треба да утврди дали материјалите биле соодветни или не – изјави за RTL Стефан Ганзер, шеф на кантоналниот оддел за безбедност во Вале.
Единствен излез за итни случаи
„Le Constellation“, местото каде што се одржувал настанот, може да прими 300 луѓе внатре и 40 на терасата, според нивната веб-страница. Сместен во приземје на зграда, објектот поседува подрум каде се одржуваат забави и настани.
Според неколку сведоци, подрумот е поврзан со приземјето само со едни скали, кои некои ги опишаа како „тесни“. Пожарот предизвикал метеж и турканици кон скалите, а потоа и кон излезот на барот на приземјето, при што сведоците опишуваат сцени на „паника“.
– Во Франција, ако имате повеќе од 19 лица во една просторија, мора да имате избор помеѓу два излеза за итни случаи – изјави за BFMTV Тјери Фонтен, претседател на UMIH Nuit, организација која ги претставува менаџерите на ноќните клубови и објекти.
Стефан Ганзер, шеф на кантоналниот оддел за безбедност во Вале, за време на попладневната прес-конференција истакна дека барот „Le Constellation“ бил „опремен со излез за итни случаи“.
– Но, мора да замислите дека за време на голем пожар со чад кој им оневозможува на луѓето да гледаат и да се движат, мнозинството не можело да го најде излезот – рече тој.
Понатаму, Стефан Ганзер посочи дека објектот не бил означен во ниту еден извештај за дефекти или неусогласеност за време на претходните инспекции.
Бар претворен во ноќен клуб
Професионалците посочуваат дека „Le Constellation“ е бар, а не ноќен клуб – детаљ кој е многу важен.
– Проблемот денес е бројот на барови кои работат како ноќни клубови без да се пријават кај властите. Баровите не подлежат на истите безбедносни правила, таму не би требало да се танцува – објаснува претседателот на UMIH Nuit.
Во Франција, трагедија слична на онаа во Кран-Монтана се случи во бар во Руан, кој беше претворен во ноќен клуб без дозвола. Празничните свеќи (прскалки) запалија високозапалива полиуретанска пена, предизвикувајќи пожар во кој загинаа 14 лица.
Ноќните клубови, од друга страна, имаат построги стандарди, што според Тјери Фонтен прави ваква трагедија да биде „невозможна“.
– Сè е класифицирано како М1, што значи отпорно на оган, без разлика дали се работи за клупите, таваните, завесите, ѕидовите… При најмала појава на чад, се активира противпожарниот аларм, музиката се прекинува и светлата се палат – објаснува тој.
Француските безбедносни прописи беа значително зајакнати по пожарот во ноќниот клуб „5-7“ во 1970 година, во кој загинаа 146 лица во Изер.
– Истрагата ќе утврди дали се почитувани сите безбедносни стандарди или не – изјави кантоналната обвинителка на Вале, Беатрис Пилуд.
Според неа, „премногу е рано“ да се коментира усогласеноста на излезите за итни случаи и просториите воопшто, или да се каже дали биле следени потребните процедури пред организирање на настанот.