📽️ ПЕЛИКАН СО ПРОСТРЕЛНА РАНА 2 НЕДЕЛИ СКИТАЛ КАЈ ДОЈРАН Рибарите му сервираа риба, ветеринар го крена на нозе
ПтПтицата била погодена со сачмарка под крилото, а раната веќе заздравувала. Ветеринарот не открил скршеници, ја исчистил раната и му дал антибиотик. За птицата е обезбедено и посебно место на крајбрежјето. Таму ќе може редовно да добива риба додека закрепнува.
Прострелна рана била причината поради која осамен пеликан две недели се движел невообичаено блиску до луѓето во Дојран. Птицата била погодена со сачмарка под крилото, изнемоштена и дехидрирана. Сега е згрижена, примила терапија и добила место покрај езерото каде што ќе има храна.
Посетителите и мештаните со денови го забележувале пеликанот во вода и на копно. Фотографии и видеа се прошириле на социјалните мрежи, а се појавиле и сомнежи дека има повредено крило или нога.
Ветеринарот Ристо Ичков од Богданци го прегледал пеликанот во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и со локалните власти. Открил дека птицата нема скршеници, но нашол траги од прострелна рана.
– Погоден е со сачмарка под крилото. На десната страна има паднати пердуви и поцрнето месо, што значи дека имал рана – изјавил Ичков за МИА.
Пеликанот бил толку изнемоштен што ветеринарот лесно успеал да го фати. Раната била исчистена, а птицата добила антибиотик и витамини.
Помошта продолжила и со конкретен оброк. Дојранските рибари му обезбедиле околу 1 килограм свежи рипчиња.
За птицата е обезбедено и посебно место на крајбрежјето. Таму ќе може редовно да добива риба додека закрепнува.
Пеликаните, во Дојран познати и како бабли, живеат во јата. Според информациите што ветеринарот ги добил од искусен дојрански рибар, јатата обично се враќаат кон крајот на октомври и во почетокот на ноември.
Ичков очекува простреланиот пеликан дотогаш да закрепне.
– За еден месец ќе дојдат и неговите другари и можно е да замине со нив – рече ветеринарот.