ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН СТАНУВА ПОАТРАКТИВЕН ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ Ристески најави нови мерки за бизнисите
Заменик министерот за економија вели дека и на планот на железничкото поврзување на регионот ќе има промени, што ќе им овозможи поразновиден транспорт за компаниите.
Пелагонискиот регион наскоро ќе биде уште поатрактивен затоа што Владата директно помага и инвестира во патната инфраструктура, изјави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
За време на денешната средба со локалната самоуправа, бизнис секторот и занаетчиската комора на Битола, Ристески најави нови мерки за стопанствениците од овој пелагонискиот регион.
-За развојот на битолското стопанство особено е важно инвестирањето во патната инфраструктура и решавање на вековниот проблем со превојот Плетвар, регионалниот пат Битола-Прилеп и поврзувањето со Грција. Овој регион наскоро ќе биде уште поатрактивен за инвестиции. Гледаме дека се зголемува бројот на инвестициски проекти кои имаат намера да го користат железничкиот транспорт и токму затоа во наредниот период очекуваме позитивни вести на овој за план за овој регион и цела Македонија – рече Ристески
Ристески ги презентираше сите мерки достапни за бизнис секторот, за компаниите и занаетчиската комора, а дискутираа и за актуелната економска состојба во државата.
-Мерките се со цел развој на компаниите, отворање на нови бизниси, развој на претприемништвото кај младите луѓе за што потврда се бројките од мерката за самовработување каде евидентиравме над 200 апликации кои ќе бидат прифатени. Ние анализираме кои мерки беа прифатени од стопанството, што можеме да подобриме – посочи Ристески.
На средбата Ристески потенцираше дека граѓаните и компаниите од Битола покажале голем интерес за мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година, каде за мерката за самовработување се пристигнати 216 апликации, додека за мерката за поддршка за раст на компаниите пристигнати се 50
апликации за вкупно 57 вработувања.
Градоначалникот Тони Коњановски рече дека за поефикасно спроведување на владините мерки, услови создава и локалната самоуправа.
– Овој регион има голем потенцијал и понуда, а се поголем е интересот за инвестирање во индустриската зона „Жабени“. Се чувствува развој и придвижување на стопанството во Битола, а потврда за тоа се постигнатите резултати. Посебни се придобивките од унгарскиот кредит со чии средства се овозможи непроценлив придонес за локалната економија – рече Коњановски.
Во изјава за медиумите, претседателот на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, посочи дека бизнис заедницата во овој регион преднични во однос на другите во земјава.
-Ние постигнавме раст од 4% и тоа е за пофалба затоа што предничиме во Македонија. Нашите компании го користат унгарскиот кредит, практикуваат зелена транзиција, а користиме и грантови од ЕБОР. Компаниите во регионот Пелагонија-Преспа се извозно ориентирани, се трансформираат и ефикасно ги користат мерките и препораките од ЕУ и Владата. Нашата крајна цел се ЕУ-пазарите – рече Вековски.