Пеколот пристигнува во Македонија – лекарите велат да пиеме вода, а не сокови и пиво!

Засладените течности или алкохолите не спаѓаат во течностите кои треба да ги внесувате. Пијте по неколку голтки вода на секои 10 минути, а пред јадење задолжително испијте чаша од 250 милилитри, не многу ладна вода, советува д-р Виолета Стојановска.

9,148

Избегнувајте да излегувате од дома во период од 10 до 17 часот, а ако веќе морате да излезете во најжешкото, тогаш задолжително носете капа на главата, имајте си постојано шише со вода при рака, како и нешто благо. Вакви предупредувања пристигнуваат од лекарите откако метеоролозите најавија дека силен топлотен бран ќе ја зафати нашата земја во следните денови.

Д-р Виолета Стојановска за Плусинфо вели дека луѓето треба да внесуваат многу течности, електролити, свежо овошје и зеленчук, а како што предупредува, најчувствителни на високите температури се хронично болните, пациентите со кардиоваскуларни заболувања, лицата со низок притисок, психички болните лица, како и децата.






– Најважно е хронично болните лица навремено да ја земаат терапијата која им е препишана од нивниот специјалист и матичен лекар и течностите постојано да се надоместуваат. Пациентите со висок крвен притисок мора да внесуваат течности, бидејќи лековите кои ги примаат го намалуваат крвниот притисок, односно организмот губи течности. Исто така, самото тело ги троши течностите за да ги задоволи своите метаболички потреби. Течностите кои ги внесуваат, не смеат да бидат под литро и пол до два литра. Болните од гастроентеритис, пак, треба да продолжат да се водат според специјална диеета во која исто така има внес на електролити, на пример, оризова вода, компири, банани и супа со морков – посочува д-р Стојановска.

Психички болните луѓе, додава таа, во ваквите екстремни температури се посебно вознемирени и треба да имаат голема поддршка од семејството.

– Да внимаваат дали терапиите се земаат навремено и дали течностите се надоместуваат. Да не се излегува надвор тогаш кога се најкритични температури и кога УВ индексот е многу висок – објаснува лекарката.

Таа ги советува родителите во овој период повеќе да ги контролираат децата.

– Ако родителите не можат да ги контролираат децата и да ги извадат од базените, тоа може да доведе до сончаница или топлотен удар. Топлотниот удар е многу сериозна ситуација. Посетата на базените, но и оние кои ги имаат дома, треба да биде со големо внимание, секогаш со заштитни капчиња, да не се престојува долго време, тоа доведува до високи температури кај децата, како и силни главоболки – вели д-р Стојановска.

Лекарите потенцираат дека засладените течности или алкохолните пијалаци не спаѓаат во течностите кои треба да ги внесувате.

– Внесот на течности е задолжителен и главно се мисли на вода. Засладените течности или алкохолите не спаѓаат во течностите кои треба да ги внесувате. Пијте по неколку голтки вода на секои 10 минути, а пред јадење задолжително испијте чаша од 250 милилитри, не многу ладна вода. Доколку имате правилна исхрана, односно ако внесувате лесно преработлива храна и не пиете алкохолни пијалаци, тогаш дневниот внес на вода не смее да биде под 2 литри. Но, доколку е спротивно, тогаш треба да ја зголемите количината на вода – објаснуваат лекарите.

Поврзани содржини