ПЕКОЛ ВО ПЛАНИНИТЕ Пожари кај Берово, Прилеп, Кичево и Крива Паланка

Најмалку осум пожари и натаму се активни во земјава, додека противпожарните екипи се борат со огнената стихија од планините на Малешево до шумите кај Крива Паланка и Кичево. Се вклучени и армиски сили, а опасноста не стивнува.

1,258

За едно деноноќие, од 27 до 28 јули 2025, Центарот за управување со кризи регистрирал вкупно 51 пожар, од кои 8 се активни, 7 се ставени под контрола, а 36 се изгаснати. Најзагрозени се подрачјата со густа шума и непристапен терен, каде гаснењето бара дополнителни ресурси и човечки капацитети.

Еден од најопасните пожари избувнал во регионот помеѓу Василево, Радовиш и Берово, на планината Голем Готен и Малешевските Планини, каде се зафатени нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Огнот брзо се проширува, а теренот е исклучително тежок за пристап. Слична слика доаѓа и од селото Бешиште кај Прилеп, каде пламените јазици се движат кон Градешница, па дури и кон границата со Грција.






Во опасност е и просторот меѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен кај Прилеп, како и Галиште и Трстеник кај Кавадарци. Овде гори мешана шума и ниска вегетација, а воени и цивилни сили се обидуваат да го спречат ширењето. Сериозна состојба се бележи и во Општина Македонски Брод, помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа, каде што гори деградирана дабова шума.

Пожарот меѓу селата Церово и Групчин во Општина Желино зафати деградирана шума и се шири со помош на ветрот. Во Крива Паланка, село Нерав е зафатено од оган во густа борова шума, додека слична сцена се одвива и кај селото Горно Црско во Кичевско, каде гори ниска шума и вегетација. Во Македонска Каменица, борова шума кај селото Ќосевица исто така гори и претставува закана за околината.

Седум пожари се ставени под контрола, вклучително и оној кај селата Облавце, Бељаковце, Довезенце и Руѓинце, кој се ширел и кон територијата на Кратово. Петровец е погоден во два наврати, во селата Коњаре и Катланово, а Македонски Брод регистрираше ново жариште кај селата Грешница и Латово. Слична ситуација е и кај Штип и Карбинци, каде противпожарните служби со часови се борат со нискостеблеста шума.

Добрите вести се дека дури 36 пожари се целосно изгаснати, меѓу нив неколку пожари во Битолско, Прилепско, Светиниколско, Гостиварско и Кумановско. Во Шуто Оризари се гаснел пожар на ѓубриште, а во Колешино се интервенирало кај Колешинските водопади.

Центарот за управување со кризи и противпожарните единици апелираат до граѓаните да бидат исклучително внимателни во природата, особено во близина на шуми. И најмала искра може да предизвика нова катастрофа.

Поврзани содржини