Педесет и две годишната Дијана го победи коронавирусот по тешка битка: Издржав за да си го видам детето!
Mинистерот за здравство Венко Филипче на својот Фесјбук профил објави како пациентка од Царев Двор го победила коронавирусот, а била на кислородна поддршка и поминала низ тешко лекување.
„Најмногу од сѐ сакав да си го видам детето, затоа и издржав. Имав многу тешко лекување од коронавирусот – 24 дена траеше целото лекување, прво во охридската болница, а потоа ме префрлија во битолската. Бев на кислород цело време, не можев да дишам. И по двата контролни негативни теста останав да лежам во болницата во Битола во делот за пнеумофтизиологија, бидејќи имав сѐ уште болки, пневмонија, диареја. И покрај тоа што на лекарите и сестрите им беше тешко сигурно поради тоа што имаше многу пациенти, тие сите убаво се однесуваа со нас, со максимална посветеност и грижа”, изјави Дијана (52), излекувана пациентка од ковид-19 од селото Царев Двор.