Печат на злото

Со децении државата ја водат повторувачи со купени дипломи, уличари, малограѓани, неморални и коруптивни типови… случајни луѓе кои некој ни ги сместува на клучните места во државата. Но, и тоа е данокот на кукларското политикантство, еднакво како и на немањето самопочит, комплексот на малост, на безначајност и подаништво. Тој данок го плаќаме сите ние, заради еден грст неспособни шутраци!

831

Француската филозофка и активистка Симон Веил во далечната 1933 година напишала: „Никогаш на злото не реагирајте со зголемување“! Наспроти тековите на човечката историја, наспроти сите ќорсокаци на цивилизацијата, тоа останува едно од суштинските, па и судбинските, одлики на Човекот. Ако е човек, се разбира. Затоа што злото е нечовечност измислено од нелуѓе и неговото славење нѐ прави и нас зли, нелуѓе.

Ако денес, во третата деценија на 21-от век, по толку векови судири, колежи и разурнувања, по две крвави светски војни и многу, неброено многу еднакво жестоки локални конфликти човекот не умее / не знае да ја најде границата помеѓу злото и доброто, тогаш животите на многу генерации – меѓу нив и македонски – поминале залудно. Залудна ни била, впрочем, и онаа антифашистичка борба и Народноослободителна војна и револуција, залудни ни биле сите досегашни 77 години македонска државност.






Славењето на еден злосторник, нечовек од форматот на Ванчо Михајлов, во Битола, беше пораз на македонскиот морал, интегритет, антифашизам, европеизам… Велат, тоа славење ни било подметнато, како на мали деца во градинка кога здравата храна им ја „подметнуваат“ сосила. На тоа ли рамниште се сведовме – на деца од градинка кои ги лаже кој како стигне?

Но, очигледно не научивме ништо од Битола, бидејќи сега градоначалничката на Скопје нѐ „просветлува“ дека таа со месеци – ,барала споменикот на Ќосето. И го пронашла, па сега ќе ги прашува граѓаните на Скопје дали да го врати на истото место од каде што нејзиниот претходник го отстрани! Ама ни тој не го отстранил како што треба со такви крвници, туку – го сокрил. Зошто, за што, за кого? Да не затреба? Е па ете, затребува!

И неговото враќање ќе биде завршен печат на злото во Македонија. И да, во Скопје, за разлика од Битола, ќе има малку турканици, пцости и викање, бидејќи власта ќе ги ангажира вувузелите и тук-таму некој лепач на плакати контра опозициската градоначалничка. Во Битола не можеа, бидејќи ќе мораа да се пцујат себеси! Но, повторно, сето ќе се сведе на исто.

И пак прашањето: го заслуживме ли (и) ова?

Се разбира, прашањето е реторичко, бидејќи веќе нема сомнеж. Веќе нема сомнеж дека не се во прашање само изминативе залудно потрошени пет години што требаа да се искористат за целосно реформирање и рестартирање на демократското општество. Очигледно е дека веќе не станува збор ни само за неспособните, неморалните, неуките, некултурните, криминалните… кадровски решенија (и) на оваа власт. Сега е веќе јасно дека ние говориме за загубени (не само) три децении независност и самостојност, златни години во кои еднакво „мали“ држави како Македонија грабеа со чекори од десет милји. Ние – само грабавме!

Сега е веќе јасно дека не можеме да говориме само за некаква криза во континуитет, за предимензионирани рефлексии на сите светски кризи баш кај нас, за недостаток на капацитетност… Уште помалку можеме / смееме да говориме за некаква „генетска грешка“ со којашто само му даваме алиби на македонското зло. Мислам дека е јасно дека тоталната македонска катастрофа предизвикана од погрешните политики во сите сфери на општеството е резултат на неморалот, кримогеноста и коруптивноста на самонаречените политички елити, сите до една од 1991 година наваму, повеќе или помалку. Секоја политичка гарнитура остави свој печат во злото викан приватизација, рамковизација, антиквизација, преспанизација… а сега и бугаризација.

И, очигледно е веќе, ништо не би се променило на подобро дури ни утре да станеме членка на ЕУ, како што не се промени ни со влегувањето во НАТО. Ние три децении живееме во длабока криза – егзистенцијална, идентитетска, морална, културна, образовна… you name it!

Да го парафразирам Хусерл за кризата на европската егзистенција: ако ние не сме свесни дека сме во длабока криза којашто ја влече државата во адските темници и дека нејзиното разрешување може да има само два излези – пропаст на државата или преродба врз темелите на чесноста, стручноста и разумот, тогаш нашата иднина е навистина неизвесна. Ако Хусерл, во неговото предавање во Виена во 1935 година, констатирал дека Европа е болна, што ли би рекол денес? А што ли би рекол за Македонија?!

Но, што треба да кажеме и сите ние за нашиве состојби, ние кои пред само пет-шест години така здушно застанавме зад некои пароли на коишто денес ни трагата не можеме да им ја видиме? Ако на Европа во времето на Хусерл ѝ се заканувал замор – „болест“ евидентно присутна и денес – тоа кај нас не може да биде проблем. Ние не сме заморени, немаме од што да бидеме, освен од неработа. Кај нас проблемите се уште подлабоки, посложени, покомплицирани. Со децении државата ја водат повторувачи со купени дипломи, уличари, малограѓани, неморални и коруптивни типови… случајни луѓе кои некој ни ги сместува на клучните места во државата. Но, и тоа е данокот на кукларското политикантство, еднакво како и на немањето самопочит, комплексот на малост, на безначајност и подаништво. Тој данок го плаќаме сите ние, заради еден грст неспособни шутраци!

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com/

 

 

Поврзани содржини