Павлова: Новата кредитна линија на ЕИБ ќе помогне за закрепнување на компаниите
Заменик-претседателката на ЕИБ за Западен Балкан смета дека со оваа операција ќе се решат и празнините во ликвидноста и краткорочните потреби од капитал, како и долгорочните инвестиции на бизнисите
Новата кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка е насочена кон економско закрепнување на малите и средните претпријатија во земјава. Таа ќе им помогне на компаниите да закрепнат, да ги задржат работните места и да обезбедат континуитет на работењето, вели заменик-претседателката на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА.
– Со оваа операција ќе се решат и празнините во ликвидноста и краткорочните потреби од капитал, како и долгорочните инвестиции на бизнисите во Северна Македонија, што ќе им помогне да закрепнат, да ги задржат работните места и да обезбедат континуитет на работењето. Ова е дел од иницијативата на Тим Европа и на финансискиот пакет на ЕИБ за поддршка на закрепнувањето на Западен Балкан по ковид-19. Гледано подолгорочно, ќе придонесе за отпорноста на економијата и ќе ја олесни нејзината транзиција кон поодржлив економски модел којшто ќе обезбеди нејзина конкурентност во вредносните синџири на ЕУ – вели Павлова.
Во интервјуто, Павлова зборува и за Економскиот инвестициски план на Европската комисија, како и за новиот Гарантен фонд за Западен Балкан, кој се очекува да мобилизира до 20 милијарди евра нови инвестиции.