Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски денеска истакна дека работите околу новите вработувањата се тргнати од мртвата точка и дека за наредната година ќе добијат 20 нови вработувања.
– Одговорно ви кажувам дека работите тргнаа од мртва точка. Преку Инспекцискиот совет, не само за пазарниот, туку и за другите инспекторати, направена е анализа за потреба на нови инспектори. Ние можеби имаме вишок администрација, од која не можеме да земеме кадар за инспекцискиот оддел. Она што Владата го презема е дека наредната година ќе ни излезе во пресрет и ние ќе ги добиеме барем тие 20 нови вработувања, претежно на инспектори – истакна Пауновски.
Во однос на тоа како се снаоѓаат во периодов со помал број инспектори, Пауновски рече дека му се молат на Бога инспекторите да бидат задрави и живи, за да ги завршат работните задачи. Тој нагласи дека сè што им е дадено како задача, се трудат да го завршат како што треба.
– Се што ни е дадено како задача, се трудиме максимално да го испочитуваме. Не постои место каде инспекторите не пристапуваат и каде е потребна контрола, а таа да не е извршена. Во последната недела намалени се и кривичните пријави, бидејќи и луѓето сфатија дека инспекторите се на терен, дека треба да ги почитуваат протоколите. Она што ни се случува со прекубројноста на новозаразени и починатите, почна полека да ја враќа свеста кај граѓаните и кај стопанските субјекти кои се предмет на нашите контроли – истакна Пауновски.