Пауновски: Изрековме 856 опомени, како и 26 кривични на оние кои повторно ги прекршија протоколите
Тој ги повика сите да се придржуваат до протоколите, за кои кажа дека е можно да се изменат со цел поголема контрола.
Директорот на пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, на денешната прес-конференција рече дека од четвртокот до сега издале 856 опомени за угостителите кои не ги почитувале протоколите, а откако по втор пат биле прекршени, инспекторите поднеле 26 кривични пријави.
Тој ги повика сите да се придржуваат до протоколите, за кои кажа дека е можно да се изменат со цел поголема контрола.
– Во четвртокот издадовме 856 опомени на угостителските субјекти а во врска со спроведувањето на протоколите за работа. Од денот кога почнавме со спроведување протоколи и казнување ДПИ има поднесено 21 кривична пријава и пет се во фаза на постапка, тие денес или утре ќе бидат доставени. Констатирано е дека дел од угостителите се нерегистрирани. Во контролите регистрирани се прекршување по тој основ на 41 субјект, за кои има прекршочни пријави и издадени се платни налози – рече Пауновски.
Според него, голем дел на угостителите ги почитуваат протоколите.
– Не сакаме по два ипол месеци затворени угостителски објекти, повторно да прибегнуваме кон мерката на затворање на оние кои нема воопшто да ги почитуваат протоколите. Сите овие протоколи, кои ги носи Владата, се пред се за заштита на тие кои го организираат угостителството, здравјето на оние кои ги посетуваат угостителските објекти. Ништо не е тешко ако сакаме нешто да спроведеме, бидејќи се работи за здравјето на сите – рече директорот на ДПИ.
Пауновски откри дека оваа служба до Комисијата за заразни болести и до Владата предложиле олеснување на прописите од протоколот за работа на угостителските објекти.
– Во изминатиот период во неколку наврати имавме состаноци да ги разјасниме протоколите онаму каде што можеме да се поправат. За таа цел испративме предлози за измени до Комисијата и до Владата, но повеќе не можеме да кажеме за тоа кои се тие предлози – рече Пауновски.
Во меѓувреме сопствениците на кафулињата и на рестораните реагираа дека имаат проблеми со прописите во однос на површината, односно капацитетот на работење и на идентификувањето на посетителите на локалите.