ПАТРОЛА НА ЕУЛЕКС НАПАДНАТА СО ШОК-БОМБА Повредени нема, нервозата на барикадите на Косово расте
Постигнат е договор изборите во четири општини на северот на Косово да се одложат за април 2023 година.
Извидничка патрола на ЕУЛЕКС била нападната со шок-бомба кај Рудар на северот на Косово, а во нападот нема повредени и нема материјална штета, соопштија од таа мисија и ги повикаа одговорните да се воздржат од провокативни дејствија, а косовските институции да ги изведат сторителите пред лицето на правдата, јави Бета.
„Силно ги осудуваме насилните акти извршени од вооружени лица на северот на Косово, вклучително и против меѓународната заедница“, соопшти Мисијата на ЕУЛЕКС во врска со нападот што се случи синоќа.
Напнатоста расте на барикадите во северно Косово, додека главните патишта се уште се блокирани, а административните премини Брњак и Јариње се затворени и за возила и за пешаци. Блокади на патиштата организираа Србите од северот на Косово по апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, а косовската полиција соопшти дека Брњак и Јариње од претпазливост се привремено затворени. Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељај Свечља во саботата изјави дека Пантиќ е уапсен затоа што „организирал терористички напад во просториите на Централната изборна комисија на северот на земјата”.
Како што јави Радио телевизија Србија, ноќта поминала мирно, додека пред полноќ одвреме-навреме се слушале пукотници и детонации, но нема информации за повредени или ранети.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека барикадите треба веднаш да се отстранат, а косовската претседателка Вјоса Османи рече дека е постигнат договор изборите во четири општини на северот на Косово да се одложат за април 2023 година.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека е усогласен текстот на барањата што ќе биде испратен до командантот на меѓународните мировни сили на Косово (КФОР) за враќање на одреден број српски војници и полицајци на територијата на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Тој посочи дека Пантиќ бил уапсен „додека носел леб” на своето семејство кое живее во зградата каде што се наоѓаат канцелариите на ЦИК.