Патот Тетово – Призрен само идеја, допрва ќе се анализира исплатливоста на проектот
Министерот за транспорт и врски вели дека се додека не се добија позитивни оценки од студиите и претфазите на проектирањето нема да почне изработката на основниот проект.
Моментално ги правиме сите претфази и кога ќе имаме поточни и прецизни параметри во однос на изградба на патот од Тетово до Призрен за тоа колку би чинел, дали би бил исплатлив и од каде би се нашло финансирање, ќе продолжиме со сите останати постапки, најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
– Се додека не добиеме позитивни оценки од студиите и претфазите на проектирањето нема да ја почнеме изработката на основниот проект. Идејни решенија има. Разговаравме и со министерот за транспорт и врски од Косово на ова прашање кое што е важно за двата региони за поврзување на граѓаните – изјави Бочварски по увидот во реконструкцијата на улицата „Гоце Делчев“ во Тетово.
Тој информира дека со цел да се растовари сообраќајот на влезот во градот преку Јавното претпријатие за државни патишта веќе се проектира обиколницата околу Тетово и се работи на патниот правец Тетово – Јажинце кон моменталниот граничен премин.