Патот на чајот
Tурскиот чај нема ништо заедничко со османската епоха на султани и паши, аги и бегови. Но со што има тогаш заедничко?
Верувам сите сте пиеле турски чај… и сте го земале здраво за готово, без особено да размислувате за него, сметајќи го просто како парче од чаршискиот пејзаж на Балканот, дискретно ехо на османските столетија. Но грешите, турскиот чај нема ништо заедничко со османската епоха на султани и паши, аги и бегови. Но со што има тогаш заедничко?
Од Херцеговина до Кина
Има со еден град покрај огромната река Јангце, за кој убеден сум дека сте чуле – Ву̌ха̀н. Но во моментов нема да се задржиме во Кина, туку ќе се вратиме кај нас на Балканот, само не во нашиов век, туку повеќе од тристотини години порано. Имено, во 1669 год. во Гацко, во Херцеговина, роден е Сава Владиславич, чијшто татко кнезот Лука Владиславич, патем, бил пријател со епископот Св. Василиј Острошки (1610-1671), кого што во 1677 год. го има придружувано и на едно патување до Пеќ по што богато го дарува манастирот Острог. Како и да е, целото семејство подоцна се сели во Дубровник, па врз основа на ова Сава Владиславич станува отпосле познат и како гроф Рагузински (според „Ragusa“, латинското име на градот). Најсетне, после школувањето во Шпанија и Франција, Сава завршува во Цариград, каде стапува во руска дипломатска служба, па во јули 1702 год. во Азов има можност да се сретне лично и со царот Петар I Велики (1682-1721). За време на своето службување во Стамбол тој го откупил младиот африкански роб Абрам (Ибрахим) Ханибал, којшто потем го пратил како подарок во Русија на Петар Велики, кој, од своја страна, го ослободил, му овозможил образование, па и го оженил… Сладокусците на поезијата многу добро знаат зошто ја спомнуваме оваа епизода, имено Абрам Ханибал е прадедо на Александар С. Пушкин. Но, да не го губиме од вид нашиот Сава Владиславич. После дипломатски мисии низ Молдавија и Црна Гора, тој помеѓу 1716 и 1722 ја претставува Русија во Венецијанската Република, каде Антонио Вивалди во 1720 год. токму нему му ја посветува својата опера La verità in cimento. Сепак, најголемиот дипломатски успех на Сава Владиславич гроф Рагузински нема да биде на европоско тло, туку на Далечниот Исток.

Во јуни 1725 год. тој бил назначен за официјален претставник на Руската Империја во Кина, по што заминува на долгиот сибирски пат, сѐ додека со својата делегација не пристигнал во Пекинг дури на 21 октомври 1726 год, каде отпочнува преговори за дефинирање на руско-кинеските политички и економски заемодејствија, како и формално воспоставување на дипломатски односи. Договорот е финализиран доволно симболички точно една година подоцна на 21 октомври 1727 во гратчето Кјахта сместено таму каде тајгите на Сибир ги допираат монголските степи на самата граница помеѓу владенијата на династијата ‘Чи́нг (清; 1644-1911) и Русија. Патем, можете да погодите на кој јазик се воделе преговорите помеѓу руската и кинеската делегација? На латински, се разбира! Имено, во Пекинг постоела уште од XVI век Језуитска мисија, па нејзините членови честопати служеле и како преведувачи при официјални комуникации на Кина со претставници на европските држави, па така било и во овој случај, а не треба ни да се спомне дека Сава Владиславич немал проблеми со латинскиот. Инаку, конечниот договор е потпишан во три верзии – латинска, руска и манаџурска. А зошто манџурска? – затоа што последната кинеска династија ‘Чи́нг била основана од Манџурците, народ со потекло од североисточна Кина, кој припаѓал на алтајската етнографско-лингвистичка група (кон која принадлежат и Монголите, како и туркските народи), кон кого припаѓале и преговорачите во овој случај.
Овој т.н. Кјахтински договор го означил првото формално воспоставување на дипломатски односи помеѓу двеве империи, па врз основа на него било регулирано дејствувањето на Руската Духовна Мисија во Пекинг, која освен својата верска функција, de facto преставувала и постојано дипломатско претставништво на Русија во Кина (патем, на нејзиното место ќе се наоѓа подоцна и советската и сегашната амбасада на Руската Федерација во Пекинг). Руската Духовна Мисија во Пекинг ќе стане и јадро на антрополошката, етнографската и лингвистичката наука, благодарение на којашто Русија во XVIII и XIX век ќе има најразвиена научна мисла во Европа сврзана со далекуисточните и централноазиските јазици и култури. На тоа поле особено се има истакнато членот на Духовната Мисија архимандрит Јакинт Бичурин (1777-1853), како и архимандрит Паладиј Кафаров (1817-1878), којшто во два наврата ќе ја возглавува Руската Духовна Мисија во Пекинг (1840-1849 и 1865-1878), а воедно е и автор на кирилискиот систем на транскрипција на кинескиот јазик, по него наречена „Паладиева транскрипција“, која до ден денес се користи во руското говорно подрачје, а со мали модификации и во бугарското.

Меѓутоа, нам сега ни се најинтересни економските импликации на Кјахтинскиот договор потпишан од страна на Сава Владиславич во име на царот Петар II (1727-1730) и Тулишен (манџурски:; кин.: 圖理珅) во име на царот Јо̄нгчжѐнг (雍正; 1722-1735) од династијата ‘Чи́нг. Според неговите одредби, определени се царинските стапки за стоките, со кои меѓусебно тргуваат Русија и Кина, при што пограничните гратчиња Кјахта и Цурухајтуј се привилегирани како бесцарински зони. Организираните трговски каравани, кои вообичаено броеле по 200 членови, од Русија трипати годишно доаѓале во Кина. Како последица на ова, низ Сибир била изградена патна магистрала со редовни поштенски станици, односно големиот Сибирски пат (Сибирский тракт), кој водел од кинеската граница сѐ до Москва, а понатаму и до Петербург. Во XX век токму следејќи ја трасата на овој Сибирски пат изодена првично од страна на нашиот Сава Владиславич, ќе биде изградена и прочуената Транс-сибирска железница. Сепак, спомнатава патна магистрала во средината на XVIII век ќе добие уште едно име, по кое можеби е и попозната…
Црвените фасади на Ву̌ха̀н
Овде дојде мигот да прашам: А со што најмногу се тргувало по Сибирскиов пат? Одговорот, јасно, го насетивте – па, се разбира со чај. Љубовната врска помеѓу Русија и чајот започнува во 1638 год., кога преку пратеникот Василиј Старков хотогојтскиот (Хотогојти – едно од монголските племиња) алтан-хан Бадма Ердени-хонгтајџи (1623-1652) му пратил на рускиот цар Михаил Фјодорович Романов (1613-1645) како подарок седумдесетина килограми чај. Најпрвин Старков се противел, не сакајќи да „влече“ сѐ до Москва тешки сандаци со некаква си „сушена тревка“, но на инсистирање на домаќинот немал каде, па се сложил и на тоа. Меѓутоа, напитокот од таа „сушена тревка“ и тоа како му се допаднал на првиот Романов што има седнато на рускиот престол, па чајот забрзано се здобива со популарност во руското општество, дотаму што самиот поим „чаепитие“ во руското говорно подрачје поприма речиси ритуална конотација. Кога сме кај љубовта, љубовната врска на Кина со чајот траела повеќе од милениум до тогаш, а како што и доликува, таа често била и опеана, а пример за тоа ни дава познатиот поет од XI век Сӯ Шѝ’ (蘇軾; 1037-1101) во неговата песна од 1100 год. – Варење чај со речна вода:
„Вода жива врз жив оган треба да се заврие,
Та од рибарска карпа сведнат црпам сињевина;
Штом пролетна месечевина налеам в грнец,
Среде ноќ одвојувам парче река за во котле.
Вода разбелена од вриеж чајно лисје вие,
А леена глас пушта чиниш ветрец низ борови;
Три филџана малку се утроба да ми пронижат,
Дур’ седнат слушам часовен ѕвон од далечниот град.“
Секако, зборот „чај“ влегува во лексиконот на рускиот јазик од стандардниот кинески мандарински изговор на „茶“ (ча́) со посредство на персиското „چای “ (чај). Сигурно сте го забележале двојство на зборовите за чај во разни странски јазици. Едни, како впрочем и нашиот, користат варијанта на „ча́“, додека други се служат со варијанта на „тê“. Во првиот случај запознавањето на чајот одело по копнен пат преку Северна Кина, додека во вториот запознавањето со чајот течело по морски пат, бидејќи „тê“ бил изговорот на знакот за чај – „茶“ во говорите на приморската провинција Фу́џјѐн (福建) во Јужна Кина.
После потпишувањето на Кјахтинскиот договор трговијата со чај по Сибирскиот пат доживува експлозија, дотаму што оваа економска магистрала ќе почне да се нарекува просто Патот на чајот, кој продолжува да се развива и низ целиот XIX век и почетокот на XX-от. Така, во 1915 год. вкупната количина на чај извезена од Кина во Русија преку Патот на чајот ќе достигне 70 297 тони, што претставувало 65% од севкупниот кинески извоз на чај. Чајот во оваа трговија најчесто бил транспортиран во облик на компресирани „тули“ што било и најпрактично. За руските уживатели најпопуларен бил црниот чај (кого, пак, Кинезите го нарекуваат „црвен“), но понекогаш тие купувале и т.н. жолт, царски чај, којшто бил најценет, та Кинезите обично не го продавале на странци, со исклучок, ете, на Русите, на коишто им го давале само во замена за скапоцени крзна од Сибир.
Но каде каде се наоѓал основниот извор на чај, којшто преку Патот на чајот бил транспортиран до неговите уживатели во Русија? Тоа била, пред сѐ, кинеската провинција Ху́пе̌ј (湖北) сместена при средишниот тек на реката Јангце. А главен град на оваа провинција е Ву̌ха̀н. Ете, се вративме во градот, од каде што почнавме да пишуваме…
Со тек на времето, особено после Втората опиумска војна (1856-1860), кога Ву̌ха̀н, како и многу други градови од внатрешноста на Кина, бил отворен за странски економски концесии, во него се населува бројна руска трговска колонија, којашто во 1862 год. отвора и фабрики за преработка на чајното лисје, претворајќи го тој град во метропола на руската трговија со чај. Ова им служи на чест на Русите, зашто тие барем тргувале со чај, додека за разлика од нив Британците во Азија тргувале со нешто друго… со дрога, со опиум. Всушност, токму со цел да ја заштити и промовира својата нарко-трговија Британската Империја поведува две брутални колонијални војни против Кина – Првата опиумска војна (1839-1842) и спомнатата Втора опиумска војна (овојпат помогната и од Франција).

А кога сме веќе кај неа, книжевничката совест не ми дозволува а да не ја направам следнава дигресија: Дали знаете кое е најголемото книжевно остварување воопшто издадено во човечката историја? Секако, тоа е Јо̌нглѐ’ Енциклопедијата (永樂大典: Јо̌нглѐ’ Та̀тје̌н), која излегла од печат во 1408 год., а е насловена според нејзиниот покровител царот Јо̌нглѐ’ (永樂; 1402-1424) од династијата Ми́нг (明; 1368-1644) во Кина. Таа изворно броела 11 095 тома, од кои денес се сочувани само 414, одвај 3.7% од првичниот обем. Вкупната количина на информации што се содржeла во оваа енциклопедија за првпат е надмината во дигитален облик дури во 2007 год. од страна на Википедија, додека во печатен облик уште останува ненадмината. Па што се случило со неа? Се случило истото што и со прочуениот Летен Двор (圓明園: Јуе́нми́нг-јуе́н) на династијата ‘Чи́нг во Пекинг, кој претставувал од уметничка гледна точка еден од најубавите и најоригинални архитектонски комплекси што кога и да се изградени во светот. Всушност овој сплет на зданија служел и како државно сокровиште на културни и археолошки артефакти (некои стари и над три ипол милениума), уметнини, но претставувал и библиотека на највредните и најретките книги во Кина, значи, би можеле делумно да го споредиме со париски Лувр во однос на својата улога и значење. Таму била сместена и најцелосната верзија на Јо̌нглѐ’ Енциклопедијата… сѐ до 18 октомври, 1860 год., кога после окончувањето на Втората опиумска војна, британските и француските експедициони сили како казнен чин против кинескиот народ по наредба на Џејмс Брус, осмиот ерл од Елгин (1811-1863), вршат методично и до темел разурнување на целиот архитектонски ансамбл и палење, уништување и ограбување на сите културни добра, уметнички дела и книги што таму се наоѓале. Ако имево што бев принуден да го спомнам ви звучи некако познато, тоа е поради татко му Томас Брус, седмиот ерл од Елгин (1766-1841), кој во 1803 год. ги демонтирал и однел од атинската Акропола античките статуи што го краселе Партенонот, па сега го красат Британскиот музеј во Лондон (и за кои до ден денес Грција се тужи со Британија), каде што со цинизам, за кој единствено Англичанец е способен, именувани се како „Елгинови мермери“, според нивниот крадец. На овие Елгиновци вандализмот и грабежот изгледа им биле семејна традиција…

„Ние, откако го ограбивме, го запаливме целото тоа место, вандалски уништувајќи највредни можни нешта… Не сте ни во состојба да си ја претставите убавината и велелепноста на зданијата, коишто ги изгоревме, просто да ти падне жал што ги палиш. Всушност, овие зданија беа толку големи, а ние бевме во брзање, што дури не ни успеавме да ги ограбиме внимателно, па така огромни количества на уметнини од злато беа растопени во огнот, зашто ни личеа просто на месинг.“
Вака ги опишува кобните настани очевидецот и учесник во нив тогаш младиот капетан Чарлс Џорџ Гордон (1833-1885), кој подоцна и самиот ќе има доста живописна колонијална кариера на повеќе континенти. Она што сакав да кажам е дека Јо̌нглѐ’ Енциклопедијата не ги преживеала британските и француските дивјаци.
После овој кус престој во Пекинг, се враќаме во Ву̌ха̀н, но овојпат во сегашноста. Чекорејќи по Ха̀н‘ко̌у (漢口), северната половина на градот, на левиот брег од Јангце, недалеку од нејзиниот кеј, минувајќи низ улици обрабени со дрвореди, можеби малку ненадејно ќе ви падне в очи поцрвенувањето на урбаниот пејзаж. Тоа значи дека сте влегле во старата руска концесија, чиј заштитен знак се градбите со фасади од црвени тули, по што се разликуваат од сите останати зданија во европски стил од XIX век, со кои е прошаран Ву̌ха̀н. Тука живеела и работела целата таа руска дијаспора во Кина сврзана со трговијата и преработката на чајот. Но сепак, црвените зданија не се единствениот сведок за нејзиното присуство. Штом, пак, излезете на улицата ‘По́ја́нг од нејзината раскрсница со ‘Тје̄нџӣнската улица, визуелно ќе ве изненади присуството на голем православен храм со бакарно кубе. Станува збор за црквата Свети Александар Невски подигната помеѓу 1880 и 1882 год. за сметка на руската трговска и индустриска колонија во Ву̌ха̀н, чиј дабов иконостас во 1883 год. бил донесен дури од Москва. Сега е музеј.
Во април, 1891 год. во овој храм на служба присуствувал и тогашниот престолонаследник Николај Александрович, идниот и последен руски цар Николај II, којшто дошол во Ву̌ха̀н по повод одбележувањето на 25-годишнината од отворањето на првата руска фирма таму за обработка и трговија со чај. Впрочем, и од економски поглед тоа била важна посета, ако се земе предвид дека од данокот на трговијата со кинески чај се пополнувале приближно 20% од буџетот на Руската Империја, и дека токму со тие „чајни“ средства подоцна ќе биде финансирана изградбата на Транс-сибирската железница од страна на Николај II.

Лау Джон Джау
Можеби во меѓувреме сте си го поставиле логичното прашање: А дали за целиот овој период некому му паднало на ум да се обиде да одгледува чај на територијата на Руската Империја? Впрочем, таа империја не се состоела само од места во кои царува студот, туку напротив, во својот состав вклучувала и предели што се одликуваат со суптропска клима, каде чајот, барем теоретски, би можел без проблем да вирее. Прв кој дошол на оваа идеја бил Порфириј Евдокимович Кирилов, помеѓу 1830 и 1840 год. лекар во Руската духовна мисија во Пекинг, којшто на враќање од Кина ќе земе фиданки од чај (Camelia sinensis) и ќе ги посади во домашни услови во Русија, докажувајќи дека чајот може да се одгледува и надвор од Кина.
Прв, пак, обид на територијата на Руската Империја комерцијално да се одгледува чај е оној на Константин Семјонович Попов, внук од брат на Константин Абрамович Попов (1814-1872), еден од пионирите на руската трговија со чај во Кина, којшто меѓу првите изнајмувал чајни насади и поседувал фабрики за обработка на чај во близината на Ву̌ха̀н. По смртта на стрико си, Константин Семјонович Попов ја продолжува неговата трговска работа, меѓутоа подоцна решил да транспортира од Кина чаен расад за одгледување, но воедно да најде таму и мајстори за чај, кои би дошле да работат во Руската Империја. Така, во 1893 год. тој го најмува чајниот мајстор Лјо́у Џју̀нчжо̄у (劉峻周; 1870-1939), кој заедно со својот тим се сели во Руската Империја, поточно на територијата на денешна Грузија, каде во месноста Чаква, во близина на Црното Море на југозападот од земјата, му помага на Попов да ги организира првите плантажи на чај во Руското Царство.

Самиот Лјо́у Џју̀нчжо̄у вака го опишува своето доаѓање во Грузија:
„Мене ме привлече таа совршено нова земја за мене, но и сознанието дека во неа јас ќе бидам првиот пренесувач на чајната култура… Условите, кои ми беа понудени, сосема ме задоволуваа. Платата ми беше 500 рубљи месечно со обезбедено сместување и исхрана, послуга, коњи со коњушари итн.“
Три години подоцна, тој од Кина го доведува и своето семејство во Грузија. Во 1900 год. на изложба во Париз чајот одгледан од страна на Лјо́у Џју̀нчжо̄у на плантажата на Попов во Чаква, Грузија, освојува златна медалја. После тоа, Лјо́у е поканет на државна служба да раковиди со државните плантажи на чај во Грузија. Во 1908 год. за успехот во работата награден е со Импереторскиот и Царски Орден на Свети Станислав од трет степен (видлив на фотографијата поместена погоре). Во 1911 год. со дозвола на властите, тој се стекнува со сопствена плантажа за производство на чај во Чаква, којшто го брендира како „Лау Джон Джау“ (вака самиот си го транскрибирал името на кирилица).
После окончувањето на Првата Светска Војна и победата на Октомвриската Револуција, Лјо́у Џју̀нчжо̄у стапува во служба на Народниот комесаријат за земјоделие на Аџарската Советска Социјалистичка Република (Аџарија е автономна област на југозападот на Грузија, каде и се наоѓала Чаква). Во 1925 год. за неговите заслуги во развојот на чајното производство награден е и од советската власт со Орденот на Црвеното знаме на трудот. Меѓутоа, тој подоцна доаѓа во конфликт со земјоделските власти, кои настојувале да се воведе механизација при одгледувањето и берењето на чај, додека Лјо́у Џју̀нчжо̄у инсистирал на традиционалните методи. Како последица на ова, тој во 1926 год. ја одбива понудата да земе советско државјанство, и се враќа во Кина, каде умира во 1939 год. во Харбин, на североистокот од земјата.
Историја на едно мало нешто
На ова место ја напуштаме Кина, а исто така и Русија, то ест Грузија, и се селиме во Турција. Таа, односно Османската Империја, била позната како едно од првите места во светот каде пиењето на кафе станало масовна појава, но воедно и социјален чин по неброените кафеџилници низ државата. Кафето што ги полнело филџаните на османските сладокусци претежно се одгледувало во Јемен, сместено на крајниот југ од Империјата на падишахот, онаму каде што Арабискиот полуостров речиси го „бакнува“ брегот на Африка, то ест, Етиопија, која, всушност и претставува татковина на кафето. Впрочем, една од најпознатите сорти на кафе се именува „мока“ според пристаништето Мока во Јемен.
Но на сѐ му доаѓа крајот, така и на Османлиското Царство. Во 1919 год. по крајот на Првата Светска Војна, Османската држава ги губи сите територии во Азија надвор од Анадолија, а во 1922 год. се губи и себеси, па некогашната Царштина на султаните заменета е од Република Турција на Мустафа Кемал „Таткото на Турците“ – Ататурк. Загубен е и Јемен, секако. Со тоа кафето наеднаш станува скапа увозна стока, која земјата исцрпена од војни повеќе не може да си ја дозволи. Во тие околности, новите власти забележуваат дека црноморскиот брег на Турција на нејзиниот североисток е со исти климатски и почвени услови, како и деловите на Грузија, каде што се одгледува чај. Така, од Грузија се пренесуваат првите расади на чај во Турција, којшто започнува да се одгледува претежно во црноморската провинција Ризе. Најголема заслуга за ова има формираниот во 1924 год. Централниот чаен расадник на Турција, којшто првично дистрибуира 50 000 фиданки на чај, од коишто се раѓа современата турската чајна индустрија. Постепено пиењето на чај си добива сопствена специфика и се претвора во турска национална традиција не помалку важна како претходната култура на пиење кафе. Патем, јас бев изненаден кога дознав дека најголеми пијачи на чај по глава на жител во светот моментално се Турците со потршени 3.6 кг чај по човек годишно. Постепено, низ децениите на XX век специфичната турска култура на пиење чај, односно турскиот чај, преку комункацијата со турските локални заедници се шири и на Балканот, каде станува составен дел на чаршискиот живот, дотаму што сега нам ни изгледа дека таа отсекогаш таму присуствувала, а не дека станува збор за релативно нов феномен, кој уште нема наполнето ни еден век.
Кога го изговоруваме зборот „историја“, првата асоцијација ни се држави, нации и империи, епохални политички збиднувања и воени походи, додека не сме ни свесни дека и „малите нешта“ содржат историја не помалку интересна и мозаична како онаа „големата“. Се надевам дека следниот пат штом се напиете турски чај ќе се присетите колку историја се има одвиено за тој стаклен филџан со темно-бронзена течност конечно да се најде во вашите раце. Па кого сѐ не спомнавме во ова наше излагање за Патот на чајот – од Сава Владиславич и Свети Василиј Острошки, Абрам Ханибал, прадедото на Пушкин, до Петар Велики, Николај II, по некој кинески цар, но и Ататурк, а секако и чајниот мајстор Лјо́у Џју̀нчжо̄у, сите тие се дел од приказната, од повеста, историјата на едно „мало нешто“ наречено чај…