ПАТОТ ДО КАРИЕРАТА ПОЧНУВА СО ДОБРА БИОГРАФИЈА Обука на студенти преку STEMPLOYABILITY

Под претпоставка да сте потковани со целокупното знаење, дали е тоа доволно да се истакнете и да бидете поконкурентни на пазарот на трудот? Дали дипломата и оценките се билет за сигурно вработување? Одговорот е НЕ! Познавачите се согласни – потребни се вештини кои се учат надвор од факултетските клупи, а со помош на кои полесно „ќе се продадете“ на бизнис заедницата.

101

Повеќе од 120 студенти од техничките науки „вооружени“ со нови знаења влегуваат во трката за посакуваните работни места. Минатиот викенд заврши последниот, петти циклус обуки со кој студентите од Машинскиот факултет, ФЕИТ и ФИНКИ научија да напишат професионална биографија, но и како да се однесуваат и што да очекуваат на интервјуата за работа и себе си да се претстават во најдобро светло.






– Како учесничка на обуката на тема „Зајакнување на вештини за вработување кај СТЕМ студенти за професионална извонредност“, реализирана во рамки на проектот STEMPLOYABILITY, имав можност да стекнам значајни знаења за креирање ефективно CV и мотивационо писмо и практични вештини за самопрезентација, градење на личен и професионален развој, како и ефективна комуникација со работодавачи. Обуката беше спроведена на многу интересен и интерактивен начин, со практични вежби кои ми овозможија полесно и поефикасно разбирање и примена на наученото во реални ситуации. Стекнатото знаење ќе ми послужи како цврста основа за развој на мојата кариера и успешно интегрирање во професионалната средина. Искрена благодарност до менторите за нивниот професионален и посветен пристап – вели Деспина Алексоска, студентка на Машинскиот факултет.

Професорот Радмил Поленаковиќ, еден од организаторите на обуката, смета дека работа се бара уште за време на студии.

– Студентите сфатија дека барањето на работа почнува сега, додека се на почеток на студиите. Успешно CV е оној документ во кој се содржани активностите кои младите ги имаат поминато за време на средното и високото образование. Тука треба да бидат вклучени сите проекти, активности и пракси на кои учествувале, проектни и семинарски работи кои ги работеле во областите во кои сакаат да градат професионална кариера. Најголема грешка што ја прават студентите е да чекаат да завршат факултет и тогаш да бараат работа. Во ваков случај, CV-то ќе биде празно – вели професорот Поленаковиќ.

CV ШТО СЕ ПАМТИ: СТУДЕНТИТЕ НАУЧИЈА КАКО ДА СЕ ИСТАКНАТ

Петте дводневни обуки од проектот STEMployability се реализираа преку програмата на Европската унија Еразмус + и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Организаторите задоволни од одѕивот и интересот на студентите.

– Презадоволен сум од одѕивот и интересот на студентте. Планираниот број на учесници го надминавме за 20 отсто. Сметам дека вака таргетираните обуки имаат голем ефект кај студентите, бидејќи два дена интензивно работат, со интерактивно учество, со многу вежби и примери на тема за која сум сигурен дека во иднина ќе им помогне во првото вработување. Имавме одлични предавачи, господинот Жељко Зоричиќ искусен експерт од Хрватска од областа на менаџментот со човечки ресурси кој ни ги пренесе европските перспективи и идни предизвици во оваа област и госпоѓа Татјана Величковска – Стрезовска, исто така експерт за развој на човечкиот капитал која ни ги отслика домашните состојби, како и потребите и барањата кои компаниите ги имаат од инженерскиот кадар – дециден е Поленаковиќ.

Организаторите велат дека овие „меки вештини“ (soft skills) кои студентите имаа можност да ги совладаат се често занемарувани во формалното образование и затоа се есенцијални за многу млади професионалци. Истакнуваат дека целта на обуката не е само полесно да се најде работа, туку да им се помогне на младите да ја најдат вистинската работна прилика која одговара на нивните кариерни цели и вредности, но исто така да станат проактивни, посамоуверени и поконкурентни на пазарот на трудот.

 

Поврзани содржини