Патот до Amsterdam University College во Холандија водеше преку „Нова“

Се бараат добри оценки, но мислам дека тоа не им е пресудно. Мислам дека главните критериуми се искрена љубопитност, отвореност, општествена свест и креативност, вели Јана.

2,687

Матурантката Јана Наскова од гимназијата „Нова“ своето образование ќе го продолжи на отсекот liberal arts на Amsterdam University College во Холандија, а вели дека најпривлечно на овој престижен универзитет ѝ била слободата во изборот на предметите. Ќе се фокусира на општествените и на хуманистичките науки и си остава простор да го извлече најдоброто од себеси и од целиот образовен процес. Јана била примена на повеќе универзитети меѓу кои и Bard College Berlin, Jacobs University Bremen, Utrecht University College и University College Maastricht. Но, за Amsterdam University College се одлучила од неколку причини.

– Една од главните причини зошто одлучив да одам таму беше тоа што добив целоснa стипендија. Исто така, Амстердам е многу интересен град од аспект на културни настани, музеи и уметност, а е и многу интернационален. Покрај тоа, Amsterdam University College нуди некои многу интересни и специфични предмети, како на пример „Протестните движења низ историјата“ – посочува Јана.






Пресудна е љубопитноста и креативноста

Станува збор за универзитет каде годишно се запишуваат околу 900 ученици од над 60 земји. Што би сакала да „извлечеш“ и добиеш од оваа исклучително интернационална средина?

– Мислам дека е многу интересно да бидеш во толку интернационалната средина поради големиот број различни начини на кои луѓето го гледаат светот. Преку престојот во ваква средина, почнуваш да размислуваш на многу креативен начин.

Каков беше процесот на аплицирање за Amsterdam University College? Кои критериуми мораше да ги исполниш?

– Најнапред се пополнува онлајн апликација, се доставуваат свидетелства, двајца наставници праќаат препораки и се пишува мотивациско писмо. Се бараат добри оценки, но мислам дека тоа не им е пресудно. Мислам дека главните критериуми се искрена љубопитност, отвореност, општествена свест и креативност.

Постојана помош од професорите

Изминатиов период поради светската пандемија беше исклучително тежок за сите. Дали тоа некако се одрази на процесот на запишување?

– Самиот процес на аплицирање е целосно онлајн и во нормални услови, така што дури и сега течеше непроменето. Во однос на стартот на самата настава, таа треба да почне на крајот на август. Јасно ни е дека следната академска година, во земјава и општо во светот, нема да може да се одвива како претходно. Немам добиено конкретни информации од факултетот во однос на ова, но имам доверба во нив и мислам дека дури и ако мора да почнеме со работа онлајн, ќе најдат начин одлично да го изведат тоа. Впрочем, идејата дека можеш онлајн да студираш на престижен светски универзитет додека си физички во Скопје, многу ми се допаѓа.

Како стручниот тим во „Нова“ ти помогна да се запишеш за факултетот кој беше твој избор?

– Би сакала да им се заблагодарам на сите мои професорки, особено на мојот академски советник Ирена Филкова, на професорката Еда Старова и на гимназиската директорка, Бела Глигорова поради нивната помош при аплицирањето и препораките. Исто така, IB дипломата, која ја нуди „Нова“ и која е светски признаена, беше голем плус во однос на аплицирањето. Училиштето дава огромна поддршка низ целиот процес на аплицирање, почнувајќи од помош со технички аспекти на онлајн апликацијата, коментари за подобрување на мотивациското писмо, па сѐ до давање предлози за институции кои би ми одговарале. Јас бев доста неодлучна во однос на тоа што сакам да студирам, па зборував со повеќе наставници околу тоа кои ми помогнаа да донесам одлука.

Во „Нова“ се запишав со стипендијата „Борис Трајковски“

Што би издвоила како најголеми придобивки од годините минати во „Нова“?

– Пријателски однос со наставниците, опуштената атмосфера во училницата, акцентот на академско пишување, развивањето на критичко размислување и дискусии, како и медиумското описменување беа многу важни за мене. Исто така, „Борис Трајковски“ стипендијата која „Нова“ ми ја додели ми беше од големо значење.

Каде се гледаш себеси во иднина, дали можеби во земјава?

– Тежок беше процесот на тоа да одлучам што сакам и каде да студирам, така што сега за сега си давам пауза од правење долгорочни планови. Искрено, отворена сум кон сите можности што ќе ми се отворат понатаму. Сигурна сум дека барем во одреден период од живот би сакала да се вратам и да го поминам во нашата земја.

Поврзани содржини