Патолошка перцепција на една реакција

Не е за верување дека овој лидер толку брзо ја заборавил важноста и силата на еден политички договор, односно заборавил дека и тој самиот дојде на местото премиер на влада токму благодарејќи на неговиот политички договор со лидерот на ДУИ, а не со гласовите за поддршка од сопствениот народ.

2,874

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, по повод 18-годишнината од основањето на оваа политичка партија изјави, ќе го парафразирам: „дојдено е време и Албанците да дадат премиер на владата на РСМ“.

Не паметам, а можеби и сум пропуштил да прочитам или да забележам, дали во таа изјава истовремено кажал дека тој можен премиер Албанец ќе биде од редовите на ДУИ и ако биде така кој ќе биде тој! Но, во неговото последно медиумско појавување Ахмети не прецизираше од која албанска политичка партија и кој конкретно би бил тој кандидат со што отвори врата за еден меѓуалбански политички договор и по ова прашање.






Такво јавно политичко размислување секако дека не претставува никакво вознемирување за никого. Но реакциите кои многу брзо по тоа следеа и нивната, според мене, патолошка перцепција, односно нивниот патолошки пристап кон една политичка изјава, односно кон едно слободно изразување на една политичка замисла во оваа фаза на развојот на демократијата, звучат многу небалансирани и некоректни.

Особено кога таа иста политичка замисла е изречена од кредибилен лидер на исто така една кредибилна политичка партија, која таква каква што е, со сите свои мани и вредности, опстојува на власт речиси од самиот почеток на своето основање и појавувањето на политичката сцена во оваа наша заедничка држава, и придонесувала во сите нејзини прогресивни достигнувања, па дури и до членувањето во НАТО Алијансата, како врвен државен приоритет и врвно државно достигнување од самото нејзино постоење.

Првата реакција против ова политичко размислување, според мене, доста непримерна реакција, која нападно звучеше како да е дадена под присилба на некаква несигурност пред парламентарните избори кои нѐ очекуваат, е изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој кажа, ќе го парафразирам и него: „ако ДУИ така размислува ќе остане во опозиција!“.

Другите реакции кои претежно дојдоа и допрва доаѓаат од страна на албанските политички опоненти на лидерот на ДУИ, поради нивната несериозност и непоткрепеност со реалните политички ситуации, ценам дека немаат релевантна тежина за да бидат елаборирани.

Во тој ист контекст, односно исто вреднување, спаѓа и изјавата на потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, која своето неосновано обезвредување на способностите и вредностите на албанскиот образован кадар да даде премиер на влада, ги изрази во вид на јавно негодување на таа замисла и со изразена доза на полтронство кон нејзиниот партиски шеф.

Но, да се вратиме на предметната реакција на лидерот на СДСМ. Основните прашања кои императивно се наметнуваат на таквата негова реакција се:

– од каде лидерот на СДСМ го црпи тоа право да може на некој друг да му го наметнува ставот дека тој некој нема право да размислува поинаку од него самиот, односно спротивно на неговите политички амбиции?!

– и зошто тој некој нема право на свое легитимно размислување?!

На мислење сум дека оваа реакција на лидерот на СДСМ имплицитно ги доведува во прашање како капацитетот на неговата меморија, така и неговата перцепција за политичкиот договор, а истовремено ги става под знак прашалник и неговите проценки за неговиот политички епилог, односно епилогот на неговиот СДСМ после вонредните парламентарни избори кои се пред нас.

Но сепак, исто така си дозволувам на себеси да помислам и на тоа дека не е за верување дека овој лидер толку брзо ја заборавил важноста и силата на еден политички договор, односно заборавил дека и тој самиот дојде на местото премиер на влада токму благодарејќи на неговиот политички договор со лидерот на ДУИ, а не со гласовите за поддршка од сопствениот народ.

Исто така врз кредибилен политички договор се избра и актуелниот претседател на државата и се оствари членувањето во НАТО Алијансата.

Затоа, тука посебно ќе треба да подвлечам дека е сосема неблагодарно да се заобиколи и омаловажува поддршката што лидерот на ДУИ ја даде за изборот на сегашниот претседател на државата со кое политичко дејствие, односно политичка поддршка, Ахмети даде значителен и содржаен пример за квалитетен соживот меѓу нашите два народа и за понатамошно квалитетно решавање на отворените политички и други прашања, патем политичко договарање.

Ваквите политички поддршки кои се резултат на еден оптимално рационален политички договор, секако дека добиваат многу повеќе на вредност и на значење кога ќе се имаат предвид политичките, ептен проблематични ставови кон идентитетот и историјата на македонскиот народ, македонскиот јазик и писмо, како и некои други геополитички прашања со кои две наши соседни држави перманентно настојуваат да го попречат нашето членство во Европската Унија.

Оттука ценам дека непочитувањето и минимизирањето на политичките договори преку кои дојде до сите горенаведени избори и решенија, избрзаната реакција на лидерот на СДСМ кон предметната изјава на лидерот на ДУИ, одразува во неговиот профил сериозен дефицит на благодарност и на почит, како кон лидерот на ДУИ, така и кон албанскиот народ во самата наша држава и неговата целина во опкружувањето, односно на Балканот.

Лично ценам и мислам дека дефицитот на благодарноста е сериозна патологија. Ако ние како народи, како нации, како луѓе од овие вечно заеднички простори немаме способност да ја идентификуваме добродетелта, направена без никаков интерес, но само од почит, тогаш нешто сериозно ни недостасува. Кој не знае да прима помош и поддршка со благодарност, не знае ниту да дава, ниту да дели благодарност, а ниту да ги воспитува за оваа елементарна човечка вредност, идните генерации.

Но, свесни сме сите дека ова не важи за политиката, затоа што општо познато но непишано правило е дека во политиката постои и има само – интерес.

Сепак, обврска на сите политичари во оваа наша специфична држава е покрај партиски-политичкиот интерес, да го афирмираат и да го унапредуваат перманентно нашиот заеднички соживот едни со други, под ист покрив на националниот, историскиот и културолошкиот диверзитет на нашите народи со цел овие диверзитети да бидат мостови на зближување за нашиот соживот.

Лидерот на СДСМ, кој е кандидат на неговата партија за иден премиер на владата на претстојните парламентарни избори, било како иден премиер на влада или како иден опозиционер, во иднина императивно ќе треба да се откаже од непримерни изјави кои вистински ја омаловажуваат демократијата, и најсериозно да се заложи за перманентна и суштествена стабилизација на меѓуетничките односи на двата конституивни народа Македонци и Албанци, и другите, кои со векови заедно едни со други живееме на овие немирни Балкански простори, како и во решавањето на сите спорни прашања и на прецизно и правилно утврдување на објективите и целите кои ќе ни овозможат прогресивен соживот во иднина.

На овој лидер на СДСМ, како и на сите други лидери на сите политички партии во земјата без разлика на нивната етничка припадност, во нивната политичка работа ќе мора да им биде приоритет да ги решаваат отворените прашања, тие никако не треба да им послужат за политички конфликти од кои би профитирале тие самите.

(Авторот е адвокат од Дебар)

 

Поврзани содржини