Пашалук на глупоста

780

Токму она што деновие на социјалните мрежи го прави еден бивш „професор“ и екс-„амбасадор“ со двете кандидатки за претседател на државата не е само недолично, вулгарно и безобразно, туку ја отсликува целата онаа простачка пропаганда што (ќе) се води веќе неколку години против сите што поинаку мислат и се однесуваат од „прогресивнава“ криминална булумента. Како впрочем и она што му го прават на довчерашниот сопартиец Максим Димитриевски. И нема сила, нема еден, барем еден глас на разумот меѓу таа политикантска сдсм-овска збирштина да се јави и да ги отера сите во мајчината, враќајќи им ја партиската книшка. Не, напротив, сите се растрчани и во последниве денови да откинат парче од туѓото, да го носат дома небаре го заработиле или го заслужиле. Меѓу нив и оние 400 несреќници во „Македонски шуми“!

Поточно, тие себеси се гледаат како среќници бидејќи мислат дека успеале да го прелажат системот, комшијата, оние од другите партии…, ги сместиле задниците „на државно“, па сега другите нека му мислат. Сето она што го гледавме претходните единаесет години, сега ни се враќа „прогресивно“ удвоено, дури триплирано. Очигледно, натпреварот е кој може повеќе односно кој може да ја смести целата партија „на државно“. А ќе успеат, ќе видите. Кога-тогаш.






Зашто македонските политички и интелектуални елити – поточно: „елити“, се разбира! – во последниве три децении се пројавуваат како најсилен агресор контра сопствениот народ, контра неговиот здрав разум и право на живот. Нивната окупација на системот и јавното мислење преку нивните партиски инсталации, на медиумите преку коруптивните политики и „интелектуалната“ клиентела, како и на институциите преку севкупното киднапирањето на нивните функции, го постави граѓанинот пред речиси непремостив партократски ѕид. Македонски „ѕид на плачот“ на којшто може да ни позавиди и Ерусалим, или ѕид на глупоста како оној што го подигна Израел против Палестина. А тоа се ѕидови што остануваат! Дури и кога (ќе) ги нема. Речиси вечно, како и глупоста.

Затоа таа, глупоста, низ деценииве стана наш заштитен знак, симбол на македонската партократија како замена за ветената демократија. Ја негуваме во сите сфери на животот, ја бираме на избори, ја наградуваме дури и со државни награди… Го плаќаме данокот на таа глупост со децении, ја воведовме како државен и партиски критериум – што поглуп, тоа подобар! – со неа ги наполнивме државните институци, факултетите, медиумите, културата, образованието…, дури и уметноста. Државната политика стана нејзин пашалук, или царство, како сакате, прибежиште на најглупавите од генерациите, на „кремот“ од најнеспособните.

Оттаму и оваа неверојатна распространетост на некритичко и нефункционално мислење, несвесност за последиците од постапките, неодговорност и вулгарност во однесувањето. Поради тоа и оваа ригидност на државниот апарат до највисокото рамниште, привид на свесност и разбирање на процесите и ситуациите, тврдоглавост и самоувереност дури и во најлошите решенија за државата, неотстапување дури ни пред фактите/вистината. А како инаку ќе дојдевме до ова рамниште, нели?

Кај нас како да има натпревар во глупоста – во политиката и во „јавниот“ живот. Речиси и да не можете веќе да направите разлика кој е кој и што е што – во македонската глупост сите се еднакви, и политичарите и интелектуалците. Или, подобро речено, „политичарите“ и „интелектуалците“. Зашто границите помеѓу нив се бришат а тежината и димензиите на нивната глупост стануваат – епохални! Впрочем, не случајно го споменав и примерот од почетокот со „професорот“/„дипломатот“. А такви имаме безброј, не можеме да ги доброиме. Затоа, впрочем, изреката „рака раката ја мие“ може да се преведе и во царството на глупоста, каде што глупоста поттикнува глупост!

Затоа кај нас и не можете да направите цврста граница помеѓу „политичкиот“ и „интелектуалниот“ ангажман. Сето тоа, во царството на глупоста се втопува во една безлична маса што голта пред себе: ја голта државата, нејзините ресурси, нас… Затоа кај нас во сите влади имате папазјанија од „професори“/„интелектуалци“ и „политичари“, затоа кај нас имате „професори“/„интелектуалци“ потпретседатели на партии, затоа кај нас се неприменливи ни „светските“ искуства во политиката, науката, културата, образованието…, или во интелектуалната сфера.

Некои сепак ни се блиски, како онаа мисла на британската писателка Дорис Лесинг, која вели дека „нема будала како интелектуалецот“! Што е блиско до „толкувањето“ на интелектуалецот и на Жижек и Лакан, но за тоа во следната прилика.

Во тој и таков контекст, или во тој и таков пашалук на глупоста, Македонија денес (и последниве многу години) го плаќа данокот на глупоста на своите политички и интелектуални „елити“, на нивните навистина бравурозно ступидни игри без граници во коишто конечниот „корисник“ – граѓанинот – редовно го плаќа цехот. Токму македонскиот гласач е првата и последната нивна жртва на нивните незнаење и неспособност, доведена често до амбисот на секакви ретроградни ситуации, дури и животозагрозувачки состојби. Земете ги само за пример оние две црни „корона години“, или напливот на овие „неразјаснети“ хакерски напади последниве години врз витални државни институции (Фондот за здравствено осигурување, основните училишта, сега МЕПСО и др.), коишто буквално ги киднапираат државните институции за подолго време, не дозволувајќи им на раководните слепци таму да пристапат до своите податоци итн.

Се разбира, ништо поинакво не е ниту дивеењето на онаа „градоначалничка“ во Скопје или оној во Охрид, неразумното разнебитување на македонската надворешна политика на Османи и  Пендаровски, „премиерствувањето“ на Заев и Ковачевски, политикантството на „госпожите“ Шеќеринска и онаа вицепремиерка за опомени… итн. Целиот тој панаѓур на суети, неспособност, незнаење и страотна глупост се покажува како наша доживотна казна, данок што ќе го плаќаат не само нашите деца туку и внуци…

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини