Партизанската приказна конечно нè обединува

Размислувам: не е ли ова вистинскиот момент, шанса, конечно да се обединиме околу таа наша заедничка приказана после триесет години кавги околу нашето комунистичко минато? Токму сега, кога на двете скарани партии во Македонија, конечно, и под надворешна закана, како да им стана јасно дека без делото на партизаните, без АВНОЈ и АСНОМ, немоќно тонеме длабоко во историјата и ја губиме сегашноста.

4,726

Се сеќавам на летото, во дворот во „Езерски Лозја“, кога за прв пат забележав дека го пригушувам гласот кога, со гитара во рака, ги пеев партизанските песни компонирани од мојот татко: „Во борба, во борба“, „Не одред а војска“, „Хеј ние сме првата македонска бригада“ и други. Да се потсетиме. Не беше така дамна кога „комуњарите“ беа омаловажувани од нашите националисти и секаква јавна манифестација на поддршка на нивното дело беше игнорирана или блокирана. Време кога вистинските херои, борци од крв и месо, со обични наши имиња како Мирче, Страшо, Кузман, Вера или Мирка, кои ги положија своите животи за слободна Македонија, цела деценија беа туркани во заборав од неразумната митоманија на антиката. Одеднаш, пресврт. Денес, националстите станаа бранители на делото на Комунистичката партија на Југославија и на Македонија обвинувајќи ги за предавство во преговорите со Бугарија социјалдемократите, оние кои се сметаат за нивни наследници. Причина? Политички профит за националистите, но и неспособност на социјалдемократите навреме да ја формулираат и слават победничката приказна на македонските партизани. Сепак, има надеж. Големата криза во меѓупартиските односи предизвикана под надворешен притисок би можела да биде и шанса за еден нов заеднички обединувачки наратив кој толку ни е потребен како народ и држава.

Размислувам: не е ли ова вистинскиот момент, шанса, конечно да се обединиме околу таа наша заедничка приказана после триесет години кавги околу нашето комунистичко минато? Токму сега, кога на двете скарани партии во Македонија, конечно, и под надворешна закана, како да им стана јасно дека без делото на партизаните, без АВНОЈ и АСНОМ, немоќно тонеме длабоко во историјата и ја губиме сегашноста.  Но, дали сум повторно наивен кога барам единство? Се сеќавам дека на моето инсистирање, како човек од универзитетската средина, да изградиме политичко единство околу приемот на Македонија во ОН, претседателот Глигоров, искусен политичар, кажа само три збора: Не е можно. Јас се лутев но, наспроти моите високи морални принципи за тоа како треба да функционира една демократија, претседателот беше во право: тоа не беше можно кај нас. Можно ли е такво единство денес, во моменти кога, под притисок на Бугарија, како да се доближија погледите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу она што е темелот на нашата држава и нација? Мислам дека задача на сегашниот претседател на државата е да го испита овој пат. Епилогот може повторно да биде ист, „не може“, но самиот обид би бил придонес кон намалувањето на тензиите во односите помеѓу двете партии кои сега, декларативно и за прв пат, ја бранат истата партизанска приказна обвинувајќи ја другата страна за предавство!? Тоа, да се потсетиме, е приказната за оние кои ги положиле своите животи да бидеме свои на свое и кои биле дел од големата светска антифашистичка коалиција во текот на Втората светска војна. Зашто, на овој темел стои или паѓа современата македонска држава и нација.

Поврзани содржини